САД одбиле да го примат Медведев на разговор за ИД

САД соопштија дека не можат да ја примат руската делегација на чело со премиерот Дмитриј Медведев за да разговараат за координација на борбата против „Исламската Држава”, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

САД соопштија дека не можат да ја примат делегацијата предводена од рускиот премиер Дмитриј Медведев кој планираше да разговара за координација на борбата против „Исламската држава“. Реакцијата на западните партнери на предлогот да му се приклучат на информативниот центар за борба против тероризмот во Багдад не беше конструктивна, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, пренесува „Взгљад”.

„На Американците им го предложивме она за што претседателот Владимир Путин вчера ја извести јавноста. Имено, да се испрати во Москва делегација воени стручњаци за да се договориме за големиот број заеднички чекори, по што ние би биле подготвени да испратиме во Вашингтон висока делегација на чело со премиерот Дмитриј Медведев, во придружба на припадници на војската и тајните служби. Тој предлог беше изнесен уште во Њујорк на крајот на септември“, рече шефот на руската дипломатија.

Според неговите зборови, американската страна изразила подготвеност да се „усогласат мерките за спречување ненамерни инциденти во воздушниот простор над кризниот регион“. „И таквите мерки се усогласуваат. Меѓутоа, денеска официјално ни одговорија дека нема да успеат да испратат делегација во Москва и во Вашингтон, исто така, нема да можат да ја примат делегацијата, а единственото нешто за кое се заинтересирани американски колеги е постигнување договор за чекорите кои ќе помогнат да се избегнат инциденти“, рече рускиот министер.

Лавров истакна дека е важно американските и руските пилоти кои летаат над Сирија да „разберат кој што прави, за да не се случуваат несреќни случаи“. Како што рече тој, Русија е подготвена да оди многу подалеку и да ја уништи ИД.  

„Ги повикавме другите наши партнери да учествуваат во центарот за обработка на податоци за сите да имаат комплетна слика, да нема несогласување. Реакцијата не беше конструктивна.  Прашаа зошто во Ирак, каде не е толку мирно. Им објаснивме дека имаме процена дека овој центар има добри услови за работа. Но, ако постои желба да се координира на друго место, подготвени сме на тоа“, истакна Лавров.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.