Сергеј Иванов: Турција останува партнер на Русија

Терористичките чинови во Анкара зборуваат за неопходноста од обединување на напорите на РФ и Турција во борбата против тероризмот, потенцираше шефот на администрацијата на рускиот претседател Сергеј Иванов.

Терористичките напади во Анкара од минатата сабота зборуваат за неопходноста од обединување на напорите на РФ и Турција во борбата против тероризмот, изјави шефот на администрацијата на претседателот на РФ Сергеј Иванов. Притоа тој потенцираше дека, без оглед на несогласувањата, Турција останува близок партнер на Русија.

„Убеден сум дека тој терористички напад уште еднаш нѐ потсетува за неопходноста од обединување на нашите напори во борбата со тероризмот“, изјави тој во текот на посетата на амбасадата на Турција во Москва, каде пристигна за да изрази сочувство до турскиот народ во врска со големиот број жртви во терористичкиот напад и да се запише во книгата на жалост, пренесува ТАСС.  

Според зборовите на Иванов, Турција, без оглед на постојните противречности на меѓународната сцена, останува партнер на Русија. „Турција е наш добар сосед и добар партнер, имаме тесни врски меѓу нашите народи, лидерите и властите. Понекогаш имаме некои разидувања во меѓународните односи, но ги дискутираме и отворено и неофицијално, со земање предвид на интересите на двете страни“, потенцираше Иванов.

Според мислењето на шефот на претседателската администрација, целта на нападите од саботата е дестабилизација на ситуацијата во Турција. „Уверен сум дека нивната цел беше дестабилизација на ситуацијата во Турција, да се посее страв и несигурност како што порано се случуваше и во Русија“, истакна Иванов, забележувајќи дека „за жал, во Русија не знаат само од кажување што е тоа тероризам“. Истовремено, тој е убеден дека турските власти ќе успеат да се справат со терористичката закана.

„Исто така, јас сум убеден дека властите на Турција, нејзините лидери, турскиот народ ќе се справат и ќе ѝ се спротивстават на оваа закана“, додаде Иванов.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.