Столтенберг: Русија може да одигра конструктивна улога во борбата против ИД

Соработката не значи дека НАТО ќе ѝ даде целосна слобода за дејствување на Русија, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Русија е способна да одигра конструктивна улога во борбата на меѓународната заедница со заканата што ја претставува терористичката организација „Исламска држава“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, говорејќи на пленарната седница на Парламентарното собрание на НАТО што се одржува во норвешки Ставангер.

„Русија би можела да одигра конструктивна улога во борбата против ИД, меѓутоа поддршката за Асад е неконструктивна. Тоа само ја продолжува војната. Повеќе од кога било за нас е неопходно да најдеме мирно решение за долготрајниот конфликт“, изјави Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО призна дека „во моментов политичкото решение (во Сирија) изгледа тешко достижно и не премногу реално“, меѓутоа тој потенцира дека „не постои алтернатива (на тоа)“.

Столтенберг смета дека нема никаква противречност во тоа „да бидеме силни и истовремено приврзаници на соработката со РФ“.

„Напротив, сметам дека (нашиот) силен потенцијал е подлога за конструктивни односи со Русија“, наведе Столтенберг.

Сепак, според него, соработката не значи дека НАТО ќе ѝ даде целосна слобода за дејствување на Русија. „Како што ќе се приближуваме до самитот во Варшава, ние ќе ги оцениме долгорочните последици од сегашната криза на нашите односи со Русија“, рече генералниот секретар на НАТО.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња