Руските воздушни напади во Сирија станаа тест за руско-турските односи. Ги прашавме експертите што навистина стои зад антируската реторика на Анкара и како конфликтот во моментов може да влијае на економската соработка меѓу двете земји.
„Острата реторика против Русија е мошне преувеличена”, ги коментира најновите случувања Виктор Надеин-Раевски, стручњак за Турција и виш научен соработник на Институтот за светска економија и меѓународни односи при РАН. „Таа е, пред сѐ, поврзана со напнатата политичка ситуација пред изборите во Турција“.
Со такво мислење е и Илшат Саетов, директор на Руско-турскиот научен центар на Серуската државна библиотека за странска литература. „Изјавите за Русија пред сѐ се насочени кон турското избирачко тело, за да можат властите во нивните очи да делуваат како „заштитници на муслиманите кои се борат со Асад“, но и на оние кои се борат против сојузниците на курдските терористи. Ќе ве потсетам дека сириските Курди, кои имаат тесни врски со Курдистанската работничка партија, го поддржуваат Асад“, изјави експертот.
Инцидентите на турско-сириската граница креираат загриженост дека економските односи меѓу двете земји, кои успешно се развиваат во последно време, можат да страдаат. Меѓутоа, стручњаците кои ги интервјуиравме се сомневаат дека сегашната тензија може радикално да влијае на економската и трговската соработка.
„Односите меѓу Русија и Турција секогаш имале два одвоени правци – посебен економијата, а посебен политиката. Русија нема да го блокира гасот за Турците, а Турците нема да престанат да ни високотехнолошки производи и зеленчук поради некакви изјави. Политичката сфера е сосем поинаква – двете земји секогаш се однесувале една спрема друга со претпазливост, иако понекогаш се добиваше впечаток дека односите се речиси пријателски во светлината на антиамериканската реторика“, смета Саетов.
Според Раевски, загриженоста за можното влошување на економските односи постоеше уште од самиот почеток на сириската криза, кога ставовите на Русија и Турција се разидоа. „Заобиколувајќи ги разликите по прашањето на Сирија, Москва и Анкара успеаја да воспостават успешна економска соработка. Трговската размена меѓу земјите расте, а Русија во Турција реализира проект од големи размери: изградбата на првата атомска централа во земјата „Акују“. Што се однесува до судбината на „Турски тек“, постојат многу несогласувања од економска природа, многу барања од турска страна“, рече експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче