Украина се надева на кредити дури и ако не ѝ го врати долгот на Москва

Правилата на ММФ забрануваат давање кредити на земји кои ги немаат вратено своите долгови на кредиторите, но Украина се надева дека ММФ ќе направи исклучок.

Украина се надева дека Меѓународниот монетарен фонд ќе продолжи да му дава помош на Киев во случај Украина да не ѝ го врати долгот на Москва, и покрај тоа што правилата на ММФ забрануваат давање кредити на земји кои ги немаат вратено своите долгови на други кредитори, изјави министерката за финансии на Украина Наталија Јареско.

„Уверена сум дека ќе продолжиме да ја спроведуваме нашата програма на реформи, дека ќе успееме да ги реализираме сите потенцијални одлуки кои ќе бидат донесени“, изјави Јареско, а пренесува „Взгљад“.

Министерката изјави дека таа е оптимист и смета дека ММФ ќе продолжи да ја финансира Украина, дури и ако земјата која е растргната од воените судири ги прекрши правилата на фондот и не ѝ го врати на Русија долгот од 3 милијарди долари.  

Јареско соопшти дека поддршката за Украина од страна на Г-7 е мошне силна и дека може да го спречи ММФ да не ја запре помошта од 17,5 милијарди долари поради долгот спрема Русија. „Групата 7 не сака Украина само поради тоа да биде исфрлена од програмата на ММФ, чии критериуми таа ги исполнува според сите останати точки“, додаде Јареско.

Таа исто така ја исклучи можноста Украина да ѝ го исплати на Русија долгот врз основа на обврзници, кога на 20 декември ќе истече рокот за нивна наплата. Москва одбива да го разгледа прашањето за реструктуирање на долгот.

 

 

 

 

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.