Русија достави до Турција објаснување за инцидентот со нарушувањето на турскиот воздушен простор

Премиерот на Турција изјави дека Русија ја известила Турција дека инцидентот со рускиот воен авион во турскиот воздушен простор бил грешка и нема да се повтори.

Русија достави до Турција објаснување по повод инцидентот со рускиот воен авион, изјави за РИА „Новости“ портпаролот на амбасадата на Русија во Анкара Игор Митјаков во понеделникот.

Според зборовите на Митјаков, потребните објаснувања по тој повод биле дадени од руска страна во турската амбасада во Москва.

Во врска со инцидентот, турскиот премиер Ахмет Давутоглу во интервју за телевизијата „Хабертурк“ изјави дека „се поврзавме со руската страна по дипломатски канали. Ни беше кажано дека Русија со почит се однесува спрема турските граници, инцидентот „со нарушувањето на воздушниот простор на Турција настанал поради недоразбирање и такво нешто повеќе нема да се повтори“.

Како што изјави во понеделникот портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, Москва не смета дека операцијата на ВКС Русија во Сирија ќе придонесе за влошување на односите со Турција, затоа што соработката меѓу двете земји има мошне цврста основа и е од обострана корист.

Од друга страна, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека имал средба со министерот за надворешни работи на Турција Феридун Синирлиоглу на која дискутирале и за неприфатливото нарушување на турскиот воздушен простор од страна на руски воен авион.

„Ја повикувам Русија во целост да го почитува воздушниот простор на НАТО и да избегнува ескалација на тензиите со Алијансата. Ја повикувам Русија да ги преземе неопходните чекори за да можат нејзините напори да соодветствуваат на напорите на меѓународната заедница во борбата со ИД“, изјави Столтенберг.  

Според неговите зборови, „дејствијата на Русија не придонесуваат за безбедноста и стабилноста на регионот“, пренесува „Взгљад“. 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња