Оланд и Меркел зборуваа за исходот на средбата на „Нормандиската четворка”

Се договоривме таканаречениот специјален закон за статусот на источните региони на Украина да стапи на сила од денот на одржувањето на изборите, изјави францускиот претседател Франса Оланд.

Претседателот на Франција Франсоа Оланд и канцеларката на Германија Ангела Меркел по преговорите на „Нормандиската четворка” во Париз во кои учествуваат и претседателот на Русија Владимир Путин и претседателот на Украина Петро Порошенко, соопштија дека резултатите од преговорите влеваат оптимизам.

„Можеме да бидеме задоволни од резултатите на средбата за Украина, тие влеваат оптимизам“, изјави Меркел, а пренесува „Взгљад”. Германската канцеларка додаде „успеавме да постигнеме договор за повлекувањето на тешкото вооружување“.

„Денеска успеавме да постигнеме напредок кој ќе овозможи да се избегнат жртви во иднина“, изјави францускиот претседател.

„Изборите (во Донбас) треба да бидат одржани во согласност со украинскиот закон. Неопходно е да бидат организирани во рамките на работната група, за да бидат нивните резултати неоспорни“, истакна Оланд.

„Што се однесува до статусот на источните региони (на Украина), се договоривме таканаречениот специјален закон за статусот на овие територии да стапи на сила од денот на одржувањето на изборите. Тој најпрвин ќе има времен карактер, а потоа ќе премине во постојана фаза, кога ќе биде јасно дека одржаните избори се неоспсорни“, изјави Оланд.

Францускиот претседател исто така рече дека било дискутирано и прашањето за амнестија, која треба да стапи на сила заедно со изборите, и дека сите кандидати во текот на изборите треба да добијат имунитет.

За реализација на Минската спогодба, Оланд изјави дека за тоа „најверојатно ќе биде потребно повеќе време“ од планираното, т.е. процесот нема да биде завршен до крајот на 2015 година.

„Се договоривме министрите за надворешни работи да се сретнат во ноември за да го разгледаат напредокот во реализацијата на Минската спогодба“, изјави Оланд.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.