Лавров: САД не сакаат консензус за Сирија

Пристапот на САД кон сириската криза не подразбира разговор за постигнување консензус, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

Пристапот на САД кон сириската криза не подразбира разговор за постигнување консензус, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, а пренесува „Взгљад”.

„Во оваа фаза Американците ја формираа својата коалиција. Не се обратија до Советот за безбедност, само најавија дека ќе ги бомбардираат позициите на терористите во Ирак, со согласност на Багдад, а доколку во Сирија ги бомбардираат терористите, не им е потребна никаква согласност на Дамаск. Видете, тоа е едностран пристап и не подразбира никаков разговор за постигнување консензус со цел формирање заеднички пристапи и договори“, рече Лавров.

Тој додаде дека Русија, заедно со Венецуела, Кина и голема група други земји ќе обрнат внимание на почитувањето на основниот принцип на Повелбата на ОН како што е немешањето во внатрешните работи на суверените држави.

„Пред извесно време беше измислен терминот „хуманитарна интервенција“, односно, ако се кршат човековите права, дозволена е интервенција, вклучувајќи и употреба на воена сила. Тогаш тие го измислија терминот „одговорност за заштита“, што значи дека ако некаде се случи хуманитарна криза, поради кои било причини, дали природно или поради вооружен судир, меѓународната заедница, исто така, има право да се меша”, истакна шефот на руската дипломатија.

„На сите овие прашања во еден момент беше даден многу јасен одговор. Усвоени се одлуки од страна на Генералното собрание на ОН, во кои се наведува дека интервенцијата е дозволена само со согласност на Советот за безбедност на ОН“, нагласи Лавров.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.