Според анализата на податоците за приходите на руските корпорации, американската „Бенк оф Америка“ (Bank of America Corp. (BofA) соопшти дека руската економија покажува знаци на заздравување, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на извештајот на водечкиот економист на претставништвото на банката во Москва Владимир Осаковски.
Забавувањето на инвестициите се намалува, а приходот на корпорациите се зголемува. Според мислењето на Осаковски, овие фактори можат да претставуваат сигнал за почеток на пресврт во руската економија.
„Профитот на корпорациите во Русија од почетокот на годината досега е прилично добар. Гледаме стабилен пораст на приходите на корпорациите, што претставува главен потенцијален стимуланс и заздравување (на економијата) во блиска иднина“, вели економистот.
Тој додава дека очекува и позитивна динамика на макроекономските показатели. „Можно е да видиме подобрување на основните макроекономски показатели оваа година во споредба со претходната година, но веројатно ќе мораме да почекаме кога зголемувањето на добивката на претпријатијата ќе премине во раст на инвестициите“, изјави Осаковски.
Како што наведува изданието, профитот на корпорациите порасна за 43% во првата половина на 2015 година во споредба со претходната година, а во периодот од јануари до јули оваа година за 38%. Тоа значи, објаснува Осаковски, дека компаниите, најверојатно, наскоро ќе можат да ја разгледаат можноста за користење на капиталот за проширување. Како што претходно соопшти заменик-министерот за финансии на Русија Максим Орешкин, инвестициите се единствениот начин да се стимулира растот на руската економија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче