Русија и Естонија разменија шпиони

Денеска беше извршена размена за припадникот на естонската специјална служба Естон Кохвер, осуден во Русија за шпионажа со Алексеј Дресен, поранешен офицер на безбедносната полиција на МВР Естонија, кој служеше казна поради соработка со ФСБ Русија.

Офицерот на естонската безбедносна служба Естон Кохвер, осуден во Русија на 15 години затвор поради шпионажа, беше предаден на Естонија во замена за поранешниот офицер на МВР Естонија Алексеј Дресен, кој служеше казна за давање доверливи информации на Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ), соопшти ФСБ, а пренесува РИА „Новости”.

Кохвер беше осуден за шпионажа, криумчарење, поседување оружје, како и за недозволено преминување на државната граница. Естонските власти, меѓутоа, тврдеа дека Кохвер бил киднапиран во Естонија и под закана со оружје доведен во Русија.

Како што соопшти извор во безбедносната служба, Дресен од 1990-те години по налог на руската контраразузнавачка служба прибирал информации за активностите на разузнавачките служби на САД и Велика Британија во балтичките земји. „За 20 години работа во естонската тајна служба Дресен прибрал и предал на Москва огромен број вредни документи за тајните операции на ЦИА и МИ-6 против Русија од страна на балтичките земји“, рече изворот, кој додаде дека благодарение на Дресен бил откриен голем број агенти на странски разузнавачки служби кои работеле во Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња