Меѓународниот проект „Чехов е жив", организиран од МХТ „Чехов“, „Гугл“ и „Рускиот книжевен сојуз“ започна денеска во 12:00 часот и ќе трае до 12:00 часот на 26 септември, пренесува РИА „Новости“.
Над 700 познати артисти, писатели, музичари, спортисти и политичари од 25 градови ширум светот читаат извадоци од драмите, расказите, повестите и дневниците на писателот, а сето тоа се пренесува во реално време на You Tube и е достапно за секој интернет-корисник во светот.
Во 19:30 денеска почна и театрализираното читање на познатата драма на Чехов „Галеб“. Првпат во светот оваа драма ќе ја прикажат актери од седум театри – во Москва, Санк Петербург, Новосибирск, Екатеринбург, Таганрог и Саратов. Чиновите и сцените се пренесуваат од град во град и се обединуваат во единствена онлајн-претстава на YouTube. „Галеб“ започна на главната сцена на МХТ „Чехов“.
Директниот пренос денеска и на 26 септември исто така можете да го погледнете и на сајтот https://chekhov.withgoogle.com/.
По завршувањето на проектот на специјалниот сајт ќе можете виртуелно да прошетате по чеховските места, да ги погледнете, слушнете и повторно да ги прочитате омилените дела на Антон Павлович Чехов.
„Чехов е жив“ е уникатен проект кој ги обединува класичната литература, современиот театар и најновите технологии за претставување на творештвото на Чехов во нов дигитален формат.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче