Медведев: Обнова на соработката со Западот е неизбежна

Односите меѓу Русија и Западот можат да се променат и во иднина, но стратешкиот правец ќе биде неизбежен – соработка, партнерство, а со поволен развој на настаните и формирање на единствен економски простор, смета рускиот премиер Дмитриј Медведев.

И покрај сегашните односи кои се во многу аспекти лоши, обновата на соработката со Западот е неизбежна: Русија нема да го напушти европскиот континент, ниту економски, ниту политички, а ни ментално, напиша рускиот премиер Дмитриј Медведев во својата статија „Нова реалност: Русија и глобалните предизвици“ за нашето матично издание „Росијскаја газета“.

„Никој не треба да смета на тоа дела ќе нѐ одвои од европската цивилизација, со сите нејзини културни различности. Односите можат да се променат и во иднина, но стратешкиот правец ќе биде неизбежен – соработка, партнерство, а со поволен развој на настаните и формирање на единствен економски простор“, пишува рускиот премиер.

Медведев пишува дека и покрај сите геополитички потешкотии, санкциите и различните ограничувања, не треба да се заборави и проблемот со привлекувањето странски инвестиции, затоа што нивното потценување би значело дека Русија ја прифаќа наметнатата политика на изолација.

Рускиот премиер, меѓу другото, истакнува и дека географската и геополитичка положба на Русија не само што овозможува, туку и бара од РФ поактивен развој на соработката во „источен правец“. „Станува збор за земји како Кина, Виетнам, Јапонија, Кореја и целиот Тихоокеански прстен, како и за земјите-членки на ШОС и БРИКС кои се наоѓаат во различни региони на светот“, смета Медведев, потенцирајќи дека би било погрешно да се толкува оваа активност како намера на Русија за „преориентирање“.

„Глобалниот план, динамиката на пазарите, правецот на финансиските, трговските, технолошките текови јасно укажуваат на тоа дека потценувањето на важноста на односите со тие земји и региони би имало стратешки последици“, напиша Медведев.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња