Работата за спротивставување на фундаментализмот е особено важна во услови кога терористичката група „Исламска држава“ (ИД), изобличувајќи го исламот, се обидува да врбува приврзаници во Русија. Вакво мислење искажа претседателот на РФ Владимир Путин на церемонијата на отворањето на Соборната џамија во Москва, пренесува ТАСС.
„Работата во таа насока (спротивставување на фундаментализмот) е особено важна денес, кога се преземаат обиди цинично да се експлоатираат религиозните чувства за политички цели“, рече рускиот лидер.
Како пример тој го наведе Блискиот Исток, каде терористите од ИД, „компромитирајќи ја големата светска религија, компромитирајќи го исламот, сеат омраза, убиваат луѓе, вклучително и свештеници, варварски уништуваат споменици на светската култура“.
„Нивната идеологија е изградена врз лага, врз отворено изобличување на исламот. Тие се обидуваат да врбуваат приврзаници и во нашата земја“, забележа Путин, потенцирајќи дека муслиманските лидери во Русија храбро и бестрашно ѝ се спротивставуваат на таквата екстремистичка пропаганда, користејќи го својот авторитет.
„Сакам да изразам огромна почит спрема тие луѓе, тие навистина си ја вршат својата работа херојски и трпат штети“, изјави шефот на руската држава. Тој не се сомнева дека духовните лидери на муслиманите и во иднина ќе ги воспитуваат верниците на принципите на хуманизмот, милосрдието и праведноста.
Според зборовите на Путин, „важно е муслиманската младина да се воспитува врз традиционалните исламски вредности, за да се пресечат обидите да им се наметнат туѓи за нас гледишта кои немаат ништо заедничко со оригиналниот ислам“.
Путин изјави увереност дека државата и понатаму ќе помага за обнова на државната муслиманска богословска школа.
Тој смета дека важно да се прошират и муслиманските културни и научно-просветителски центри чија цел ќе биде обединување на следбениците на таа религија и пренесување на духовниот, културен и морален код, својствен за традиционалниот ислам во Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче