Заменик-министер за одбрана на САД: Со Русија треба и да се бориме, и да соработуваме

САД треба да покажат спрема Русија „цврст и балансиран пристап“, насочен истовремено и кон задржување на „агресијата“ на Русија против земјите на НАТО и кон соработка во сферата на заедничките интереси, изјави заменик-министерот за одбрана на САД Роберт Ворк.

Како што пишува авторот на статијата во „Дифенс Њуз“ Кристофер Кејвас, „провокативните дејствија на Русија„ предизвикуваат немир во многу западни земји  и особено во Финска, Шведска, Данска, Норвешка и Исланд. За да го разјасни расположението во тие земји, заменик-министерот за одбрана на САД Роберт Ворк ги посети тие земји и дискутираше со своите колеги за плановите на Русите. „Главните прашања се во тоа, кои се целите на Владимир Путин, колку далеку е подготвена да оди Русија и на кои земји им се заканува опасност од нејзина страна по Крим и истокот на Украина?“, пишува „Дифенс Њуз“, а пренесува „ИноТВ“.

Според Ворк, „Русија сака да се однесуваат спрема неа како кон голема суперсила со глобални интереси“, и таа тенденција започна со „незаконската анексија на Крим и дестабилизацијата на Украина“. Русија, очигледно, сфаќа дека ако нападне една земја на НАТО, таа ќе испровоцира „извонредно силен одговор“ на целата Алијанса. Русија не планира да го направи тоа, меѓутоа Москва испраќа силен сигнал дека има свои интереси и дека „агресивно ќе ги брани доколку смета дека е потребно“, потенцира американскиот политичар.

Од своја страна, Западот ќе одговори на тоа „цврсто и балансирано“. Важен елемент во оваа стратегија е „европската иницијатива за реосигурување“, која вклучува различни воени вежби, како и испорака на опрема и други видови активности. Сето тоа се прави за да ѝ се даде на Русија до знаење дека нејзините постапки водат кон „дестабилизација“. „САД се стремат кон соработка со Русија, и имаат заеднички интереси“, како вселената и борбата против тероризмот. Сепак  Вашингтон треба да ѝ покаже на Русија дека ја смета нејзината политика за „неприфатлива и дека предизвикува вознемиреност кај државите на источните и северните граници на НАТО“. На тој начин САД треба да ја повикаат Русија на „релаксација и соработка“, потенцира Ворк.

Судејќи според анкетите на јавното мислење, Русите повторно сакаат да бидат „силна нација“ и сакаат да бидат сфатени сериозно во меѓународната арена. „Работата не е во личноста на Владимир Путин и сомнително е дека со неговото заминување антагонизмот меѓу Русија и Западот ќе престане“, убеден е Ворк. Пред САД стои задача за одржување на мирот и стабилноста со Кина и Русија, како и соработка со нив во сферите во кои имаат заеднички интереси. „Соперништвото со Русија и Кина, кои ги напрегнуваат нивните мускули, е неуспешна варијанта за развој на настаните за САД“, резимира американскиот политичар.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.