Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху денеска, 21 септември, ќе пристигне во ненадејна кратка работна посета на Москва. Очигледно е дека главната тема на неговите разговори со претседателот на Русија Владимир Путин ќе биде можното учество на Русија во решавањето на конфликтот во Сирија. Нетанјаху е загрижен поради можноста од судир. Но не меѓу Русија и ИДИЛ, туку меѓу израелската и руската војска, пишува „Взгљад”.
Граѓанската војна во Сирија влијаеше и врз Израел. Официјалниот став на Израел е дека не учествува во конфликтот во Сирија, ниту поддржува некоја од страните во судирот.
Загриженоста на Израел, помеѓу другото, се однесува и на можноста да се активира договорот меѓу Русија и Сирија за испорака на системите С-300, кој е блокиран 2013 година. Тоа би значело дека постои можност противракетните системи да се најдат во рацете на Хезболах кој се бори на страната на владината војска во Сирија.
Би било наивно да се претпостави дека Нетанјаху оди во Москва за да го наговори Путин да не испраќа војска во Сирија, смета аналитичар на рускиот портал. Ако Американците и Русите веќе се договориле, на што укажуваат извештаите во медиумите, како и неодамнешната изјава на државниот секретар на САД Џон Кери, Израел на тоа никако не може да влијае
Пред Нетанјаху има најмалку две задачи, пишува рускиот портал. Едната е да ја разјасни ситуацијата со руското вооружување, а втората да постигне договор околу принципите за соработка во случај руските војници навистина да стигнат во Сирија, за да се избегне ситуацијата руската војска да се најде на удар на израелските сили.
Во секој случај, Бенјамин Нетанјаху во Москва доаѓа за сериозни преговори. За тоа сведочи и фактот дека со него ќе допатува и началникот на Генералштабот на израелската војска Гади Ајзенкот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче