„Комсомолскаја правда“: Руските МиГ-ови го прекинаа блицкригот на САД во Сирија

Со своите „ненадејни“ испораки на оружје за Асад Москва се врати во „големата игра“ и не ѝ дозволи на ИД да се пробие до морето.

Колку повеќе пристигаат информации за ситуацијата в Сирија, толку појасно станува зошто САД се толку вознемирени од дејствијата на Русија. Со своите масовни испораки на оружје и хуманитарна помош во Сирија, Москва го расипа вториот обид на Вашингтон да ја ослободи таа земја од Башар Асад и неговата армија, пишува „Комсомолскаја правда“.

Првиот обид беше кога САД сакаа, под изговор дека САД има хемиско оружје, да ја срамнат Сирија со помош на ракетни напади. Но, Кремљ во последен момент ја извади Сирија од американската „јамка“ со предлогот да се уништи хемиското оружје под меѓународна контрола. Путин ја спаси Сирија од војна. А Обама доби гласна политичка шлаканица. Но, не ги остави плановите да го истера Асад од Дамаск. Со таа цел САД се погрижија во Сирија за одредите на „опозицијата“, давајќи им пари и оружје.

За 4 години граѓанска војна во Сирија армијата на Асад се истроши, но не се предаде. Меѓутоа, и покрај воздушните удари, САД мораа да признаат дека ефикасноста на авио-нападите врз ИГИЛ е блиску до нула.

САД претрпеа неуспех и кога Европа одби да учествува во нивната коалиција за последниот удар врз Дамаск и евентуално влегување на пешадијата на НАТО во Сирија. Затоа САД решија да ја преплават Европа со бегалци, сѐ додека самата Европа не посака да расчисти со Сирија и Асад.  

Хуманитарните фондови на САД почнаа да го финансираат преминувањето на бегалците од Блискиот Исток во Европа. Турција, верен сојузник на САД во НАТО и во борбата со Асад, ненадејно ги отвори своите погранични премини. А координацијата со реките од луѓе од Турција во Германија почнаа преку Твитер да ја вршат активисти за човекови права од САД и Велика Британија. Сето тоа почна да се случува и се случува додека експлодираат американските ракети во Ирак и Сирија не врз позициите на ИДИЛ, туку врз населените места.

И ете ја реката бегалци. И изјавите на Стејт департментот и европските политичари дека за таа хуманитарна катастрофа е виновен Асад кој мора да биде симнат од власт. И, специјалната операција беше подготвена.

Меѓутоа, на сириските аеродроми почнаа да слетуваат руски воено-транспортни авиони со воена техника, брашно и лекови, а во пристаништата бродови под знамето на Русија. За Вашингтон тоа беше неочекувано како снег во лето. Во Тартус се руските морнари. На аеродромот во Латакија – специјалци на ВВС и ПВО. Русите почнаа ад ги обучуваат своите сириски колеги. Во суштина, може да се зборува за комбиниран воено-поморски и воено-воздушен простор на Русија на брегот на Сирија. Сириските стратешки објекти се заштитени со С-300 и „Панцири“, а воздухот со МиГ-29 и МиГ-31, во чии кабини седат сириски пилоти обучени во Русија.

Најважно е што тој руско-сириски плацдарм не дозволува ИДИЛ да се пробие до морето. Зашто, ако „Исламската држава“ ги добие пристаништата, терористите би почнале по море да шверцуваат нафта во замена за оружје. А САД од своја страна „внимаваа“ на тоа крајбрежје за сириската „опозиција“.

А сега брегот е зафатен.  

И армијата на Асад почна да ја истиснува ИДИЛ на целиот фронт.

Русија не беше исфрлена од „големата сириска игра“. Москва го направи тој силен чекор кој повторно ги стави САД во непријатна позиција. Да им се пречи на Русите во поддршката на сириската армија во борбата против ИДИЛ значи да се застане на страната на терористите. Со американските F-16 да се нападнат руските МиГ-ови или да се бомбардира аеродромот во Латакија е уште пострашно. Зашто тоа е веќе војна. Притоа, не сириско-американска, туку, веројатно американско-руска. Тоа на Вашингтон не му треба. Главата на Асад не вреди за конфликт на нуклеарни суперсили.  

Затоа на САД и Европа им преостанува само едно – да се помират со присуството на Русија во Сирија и заедно со неа, обединети во еден фронт, да се борат против ИДИЛ.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.