Школско-борбениот Јак-130 ќе стане беспилотен јуришен авион

Врз основа на рускиот школско-борбен авион Јак-130 би можело да се изработи беспилотен јуришен авион што ќе го надмине неговиот американски пандан.

Врз основа на рускиот школско-борбен авион Јак-130 би можело да се изработи беспилотен јуришен авион „кој според односот на потисокот и тежината на авионот и според универзалноста ќе го надмине американското беспилотно летало MQ-9 Reaper“, изјави советникот на првиот заменик-генерален директор на Концернот за радио-електронски уреди Владимир Михеев, а пренесува сајтот „Мир роботов“.

Како  што истакна претставникот на концернот, сите технички решенија кои се потребни за тоа веќе постојат, но „за реализација на оваа задача ќе мора да бидат воведени значајни измени во составот на радио-електронската апаратура на авионот“.

Михеев исто така истакна дека во најскоро време ќе се појави и борбена варијанта на Јак-130 со која ќе управува пилот. Концернот веќе работи на проект за радар и оптичко-електронски нишанско-навигациски систем кој на овој авион ќе му овозможат да користи ракетно вооружување, како што се противтенковската наведувана ракета „Вихр-М“, наведуваните ракети Р-73Е, Х-29Л, Х-25МС (МЛ), како и средства за гаѓање со среден острел. Радарскиот систем вграден во авионот ќе овозможи Јак-130 да детектира цели на голема оддалеченост и да реализира наведување во режим воздух-воздух и воздух-земја.

Борбеното оптоварување на авионот Јак-130 изнесува 3 тони. Овој показател кај американскиот MQ-9, што го спомна Михеев, е 1700 килограми. Меѓутоа, американското беспилотно летало може да помине во воздух до 28 часа, а дометот на неговата примена е речиси 6 илјади километри. Дометот на авионот Јак-130 со кој управува пилот е 1647 километри без полнење на резервоарот. Ако врз основа на овој модел биде изработено беспилотно летало, се очекува зголемување на овој параметар.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.