Кери ја предупреди Русија: Ќе има последици поради поддршката за Асад

Поддршката за Асад претставува закана за проширување на судирот во Сирија, изјави државниот секретар на САД Џон Кери во вчерашниот телефонски разговор со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Министерството за надворешни работи на РФ потврди дека во вторникот се одржал телефонски разговор меѓу шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и државниот секретар на САД Џон Кери, пренесува „Интерфакс“.

„Во фокусот на вниманието се наоѓаше состојбата во Сирија. Лавров повторно ја акцентираше потребата од создавање обединет фронт за борба против терористичките групации кои дејствуваат на територијата на таа земја“, се вели во соопштението на МНР РФ.

Според Министерството, се дискутирало  за начините за решавање на украинската криза и можните чекори за намалување на затегнатоста на Корејскиот полуостров.

„Освен тоа, беше посветено внимание и на некои прашања од билатерален карактер“, се истакнува во соопштението.  

Од друга страна, Стејт департментот соопшти дека американскиот државен секретар Џон Кери „јасно му даде до знаење“ на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека поддршката за сирискиот претседател Башар Асад „претставува закана за ширење на судирите“, пренесува „Взгљад“.

„Државниот секретар даде до знаење дека поддршката на Русија за претседателот Асад претставува закана за проширување на судирот и ги поткопува нашите заеднички цели во борбата против тероризмот“, се наведува во соопштението на Стејт департментот. 

Кери повтори дека од гледна точка на САД „Асад никогашне би можел да биде учесник од доверба“ во коалицијата предводена од САД. Тој истакна дека Америка ја поздравила конструктивната улога на Русија во напорите насочени против ИД.  

Според државниот секретар, „во принцип, судирот во Сирија нема воено решение“ и ситуацијата може да се „реши само по пат на политичка транзиција од режимот на Асад“ кон нова влада во Дамаск.  „

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.