Ахтисари: Русија беше согласна за заминување на Асад уште во 2012 година

Западните земји уште во 2012 година го одбија предложениот од Русија план за решавање на ситуацијата во Сирија, а кој предвидуваше заминување на претседателот Башар Асад од неговата функција, изјави во интервју за весникот „Гардијан“ преговарачот и поранешен претседател на Финска Марти Ахтисари.

Ахтисари бил испратен од група „старци“ на ООН во седиштето на организацијата во Њујорк на 22 февруари 2012 година за средба со мисиите на петте постојани членки на Советот за безбедност на ООН. „Најинтригантна беше средбата со Виталиј Чуркин (постојаниот претставник на РФ во ООН), затоа што го знам тоа момче. Ние не секогаш се согласуваме за многу прашања, меѓутоа разговараме отворено. Јас му објаснив што правев таму (во седиштето на ООН), и тој рече: „Марти, седни, ќе ти кажам што треба да правиме“, изјави Ахтисари, пишува весникот „Гардијан“.

Според неговите зборови, Чуркин му предложил план кој се состоел од три точки. „Тој кажа три работи: прво – не смее да ѝ се дава оружје на опозицијата. Второ –  треба да воспоставиме дијалог меѓу опозицијата и Асад веднаш“, рече Ахтисари.

Притоа финскиот политичар тврди дека Русија наводно се согласила со заминување на Асад.  

„Трето – треба да најдеме елегантен начин за заминување на Асад“, ги цитира Ахтисари зборовите на Чуркин.  

Ахтисари го пренел планот на Чуркин на мисиите на САД, Велика Британија и Франција во ООН, но тие го отфрлиле. „Ништо не се случи, затоа што, мислам, сите тие и многу други беа убедени дека ќе го соборат Асад за неколку недели, затоа и ништо не требаше да се прави“, истакна политичарот.

Чуркин одби да го коментира за весникот „приватниот разговор“ со Ахтисари.

Во понеделникот медиумите, повикувајќи се на извори од Русија, САД и Саудиска Арабија, како и на претставници на опозицијата во Сирија соопштија дека Русија наводно праќа сигнали  до САД и Саудиска Арабија за отстранување на сирискиот лидер Башар Асад.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња