Почнаа најголемите воени вежби во Русија – „Центар 2015“

Најголемите воени вежби „Центар 2015“ се одржуваат во Централниот воен округ, соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Стратешката командно-штабна вежба „Центар 2015“ претставува финална етапа на оперативната и борбена подготовка на Вооружените сили на Русија во 2015 година, како и на заедничките мерки за борбена подготовка на вооружените сили на државите-членки на Организацијата на Договорот за колективна безбедност“, пренесува РИА „Новости“ повикувајќи се на Министерството за одбрана.  

Во маневрите ќе учествуваат околу 95 илјади војници, над 7 илјади единици на вооружување и воена техника, до 170 авиони и 20 бродови, од кои во европскиот дел на Руската Федерација на полигоните „Тоцки“ и „Донгуз“ ќе земат учество до 12 илјади војници, до 470 борбени оклопни возила, околу 90 тенкови, до 250 борбени пешадиски возила, до 130 оклопни транспортери, како и околу 20 артилериски системи и реактивни системи за плотунски оган.

Во текот на маневрите ќе биде оценета готовноста на органите на воената управа на Вооружените сили на државите-членки на ОДКБ за раководење со коалициски воени групации при локализација на меѓународен вооружен конфликт, блокирање и уништување на нелегални формации во текот на заедничките специјални операции.

Со вежбите ќе раководи началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Русија  - првиот заменик на министерот за одбрана на Русија, генералот на армија Валериј Герасимов.

Како што соопштија од Министерството за одбрана, секоја година Вооружените сили на Русија одржуваат околу 3,5 илјади воени вежби на различно ниво.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.