Координаторот на САД за борба против ИД не исклучува конфронтација со Русија во Сирија

Генералот во пензија Џон Ален, назначен за координатор за соработка на САД со други земји во борбата против „Исламската држава“, смета дека на територијата на Сирија може да се случи конфронтација меѓу руските војници и коалицијата што ја предводи Вашингтон.

Ален, одговарајќи на прашањето „дали ќе станат проблем“ за Вашингтон „руските војници, ако тие дејствуваат на страната на против ИД“, истакна: „Во текот на последниве неколку денови ние внимателно го набљудувавме тоа зголемување на силите и се обидувавме да сфатиме што може да значи тоа“. „Мислам дека тоа е лошо“, изјави тој, пренесува ТАСС. „Русија ќе ги искористи сите свои сили за да го поддржи режимот на Башар Асад“.

Според американскиот генерал, основната одговорност што како резултат на конфликтот во Сирија загинаа десетици илјади луѓе ја носи претседателот на републиката. „Поддршката за него ја продлабочува кризата во регионот. Фактички, тоа може да доведе до тоа руските сили да влезат во конфронтација со силите на коалицијата“.

Притоа генералот призна дека почетната етапа на подготовката на борците на сириската опозиција што ја реализира Пентагон, кои, според замислата на Вашингтон, треба да го сочинуваат костурот на вооружените формации за борба со одредите на ИД, „се покажа неуспешна“. САД имаа намера да обучат 12 илјади борци на сириската опозиција и за тоа да потрошат 500 милиони долари. Меѓутоа, според информациите на „Си-Ен-Ен“, американската обука ја поминале само 54 лица. Најголемиот дел од нив по обуката или биле заробени, или избегале од реоните на борбените дејствија.  

Како што претходно изјави Белата куќа, САД се плашат дека зајакнувањето на руското воено присуство во Сирија може да биде искористено за поддршка на режимот на претседателот Башар Асад кој, според мислењето на Вашингтон, води „војна против сопствениот народ“, пренесува „Взгљад“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња