Водечките весници во Европа повикаа да се притисне Русија за прашањето со бегалците

Новинарите ја ставија РФ во низата „клучни меѓународни фактори“ кои се способни да ја сменат ситуацијата во Сирија.

Тринаесет водечки европски изданија, меѓу кои се „Ди Цајт“, „Индепендент“ „Либерасион“ и други, објавија заедничко отворено писмо до политичарите во Европската унија. Повод за тоа стана кризата со мигрантите што ја доживува ЕУ. Во обраќањето се истакнува дека оваа криза е најголемата по Втората светска војна, пренесува lifenews.ru. 

„Поради тоа што сирискиот конфликт трае пет години, расте бројот на мигранти кои се упатуваат кон нашиот континент во потрага по заштита и помош. Сѐ повеќе и повеќе гинат во очајнички обид да побегнат од војната и прогоните. Сепак, месеците си течат, а Европа прави многу малку, многу доцна. Ние преживуваме миграциска катастрофа, но отсуството на волја за дејствување исто така покажа сериозна политичка криза“, сметаат изданијата.   

Според мислењето на новинарите, сега Европа треба да го покаже своето единство, приврзаноста кон принципите на солидарност, еднаквост и слобода. Изданијата ги повикуваат европските политичари кои ќе се соберат на 14 септември во Брисел за да дискутираат за кризата со мигрантите, да преминат на активни дејствија.

Во една од шесте точки на предлозите до политичарите европските изданија ја споменуваат и Русија. Неа ја сметаат за еден од „клучните меѓународни фактор“ врз кои, според мислењето на весниците, ЕУ треба „да изврши засилен притисок“, за тие „да ги вложат сите свои сили за обединување на сите страни во сирискиот конфликт за мирни преговори под покровителство на ООН“.  

Покрај Русија, изданијата ги сметаат за „клучни меѓународни фактори“ и Иран, Саудиска Арабија, Турција и САД.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња