Командант на НАТО: Украина и „Исламската држава“ се најголемите проблеми на Алијансата

Настаните од минатата година во Украина и присоединувањето на Крим кон Русија беа причина за коренито престројување на воениот потенцијал на НАТО, изјави во четвртокот на институтот „Бројгел“ командантот на Здружените вооружени сили на НАТО во Европа генералот Филип Бридлав.

„Рускиот авантуризам и екстремизмот што се заканува од југ се стремат да ги искористат празнините меѓу земјите на НАТО и меѓународните организации. Ние треба да ги затвориме тие празнини“, рече Бридлав, а пренесува „Интерфакс“.

Според зборовите на командантот, последниве децении, градејќи партнерски односи со Русија, НАТО не посветило внимание на осигурувањето од можната закана од Русија, било фокусирано на воените средства за распоредување во Авганистан каде се спроведуваше најголемата по својот размер операција на Алијансата.  

Сега главна задача стана зајакнувањето на борбената готовност и способност за брза реакција, истакна тој.

Како одговор на дејствијата на Русија на исток и надоаѓањето на исламскиот екстремизам на југ, генералот Бридлав го наведе зајакнувањето на Силите за реакција на НАТО (СРН). Тие се формирани за итен одговор во рамките на колективната одбрана, меѓутоа во епохата на партнерство со Русија не им се придавала голема важност. Годинава ситуацијата се смени и во рамките на Силите за реакција е создадена уште пооперативна структура – Заеднички сили со особено висока готовност.  

Меѓу другите мерки тој ги наведе и зголемувањето на размената на разузнавачки информации за Русија меѓу земјите на НАТО и формирањето мултинационално разузнавање на Алијансата.  

На претстојниот самит во 2016 година во Варшава на самитот на НАТО лидерите на земјите ќе донесат заклучок за адаптацијата на Алијансата на изменетите услови „по Крим“ во сферата на одбраната и ќе ја утврдат стратегијата на НАТО во новите околности.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња