Песков одговори на критиката на Сноуден

Не се согласуваме со критиката на поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден во врска со ситуацијата со човековите права и со интернетот во Русија, но сметаме дека тој има право на такво мислење, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

„Тоа е мошне спорна изјава, но тој има свое гледиште. Во овој случај тој живее во Русија, но тоа не значи дека нешто му се наметнува. Тој има своја гледна точка, и не само тој“, изјави портпаролот на рускиот претседател, а пренесува „Взгљад”.

„Ние знаеме дека слични тврдења повеќепати изнесуваа и други различни претставници, не само од странство. Постои дискусија за тоа, тоа е потполно нормално“, додаде тој.

Сноуден во интервју за „Ал Џезира” изјави дека во Русија се забележуваат значителни проблеми со човековите права, како и во многу други земји во светот. Притоа, според неговото мислење постои многу силно движење кое работи на подобрување на оваа ситуација. Тој исто така истакна дека се однесува критички спрема некои прашања во сферата на човековите права во Русија и спрема некои закони во таа област, меѓу другото, спрема оние кои се однесуваат на интернетот.

Едвард Сноуден во јуни 2013 година на весниците „Вашингтон Пост“ и „Гардијан“ им предаде низа тајни материјали за програмите за следење на тајните служби на САД и Велика Британија преку интернет. Русија му даде на Сноуден привремен азил за година дена под услов да ја прекине својата активност против САД. На 1 август Сноуден доби тригодишна дозвола за престој која му овозможува не само да патува по Русија, туку и во странство. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња