Русија и Кина се клучни партнери, особено во економијата, изјави претседателот на РФ Владимир Путин во интервјуто за руски и кинески агенции пред неговата посета на Кина по повод прославата на 70-годишнината од победата на кинескиот народ во борбата против Јапонија и Втората светска војна,пренесува „RT”.
„Руско-кинеските врски денес го достигнаа највисокото ниво во историјата и продолжуваат постепено да се развиваат. Во средиштето на партнерството на Русија и Кина е искреното пријателство и симпатиите на нашите народи, длабокото меѓусебно разбирање, почитување на интересите на другиот и заинтересираноста за просперитетот на нашите земји“, рече Путин.
Тој истакна дека во таа смисла Москва и Пекинг ја градат заедничкта соработка во ООН, Г-20, како и преку БРИКС и ШОС. „Руско-кинеската врска одигра значајна улога во решавањето на чувствителните прашања, како што е извозот на хемиското оружје од Сирија и постигнувањето договор околу иранската нуклеарна програма“, додаде рускиот лидер.
Путин потсети дека во текот на Втората светска војна Русија и Кина „беа сојузници во борбатапротив нацизмот и јапонскиот милитаризам и го примија врз себе најголемиот удар на агресорите“, и на крајот „победија, го ослободија поробениот народ и ѝ донесоа на планетата мирен живот”. Рускиот претседател додаде дека во многу земји се обидуваат да ја фалсификуваат историјата, како и дека нивната цел е сосем јасна: геополитички игри и креирање раздор меѓу земјите и народите.
Путин нагласи дека причината за глобалните тензии во светот е отсуството на компромис на одделни земји, како и „упорната желба на одделни држави да ја сочуваат доминацијата во светските работи“.
„Декларирајќи ги внатре во своите земји нормите на демократијата, владеењето на законот и човековите права, истите тие ги игнорираат на меѓународната сцена, отфрлајќи го со тоа принципот на еднаквост на државите содржан во Повелбата на ООН“, смета Путин.
Лидер на Русија рече дека во такви тешки услови руско-кинеската соработка добива на значење и служи за зачувување и јакнење на меѓународната регионална стабилност и безбедност, како и на барањето ефикасни одговори на глобалните предизвици. Тој додаде дека Русија и Кина, исто така, имаат намера да го зголемат уделот на националните валути во трансакциите.
Според неговите зборови, „просперитетот на Сибир и Далечниот Исток е нашиот национален приоритет во текот на целиот 21 век“. Путин истакна дека денес активно се реализира проектот на економски и социјален развој на Далечниот Исток и Бајкалскиот регион, кој вклучува десетици инвестициски проекти. Меѓу нив се гасоводот „Силата на Сибир“, космодромот „Восточни“, проектите за преработка на гас, бродоградилиштето „Ѕвезда” и други.
„Нашите земји имаат огромен потенцијал за потесна соработка на деловните кругови и за активни хуманитарни односи. И, што е најважно, ние сме подготвени да ги реализираме овие можности, а освен тоа, довербата меѓу нас расте и нашето пријателство јакне. Врз основа на тоа може многу да се направи и многу да се постигне. Сигурен сум дека така и ќе биде“, заклучи Путин.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче