Во Минск договорен прекин на огнот во Донбас

Средбата на контакт-групата во Минск со претставниците на ДНР и ЛНР заврши со договор за примирје: од 1 септември страните ветија прекин на огнот. Меѓутоа експертите не брзаат да го наречат ова голем чекор на патот до мир.

На 26 август во Минска се одржа средба на контакт-групата за решавање на конфликт во Донбас. Нејзините учесници - Украина, РФ, ОБСЕ и претставниците на Донецката и Луганската народна република - се договорија за прекин на огнот од 1 септември.  Втората важна работа е подготовка на спогодба за повлекување на вооружувањето со калибар помал од 100 мм (плотунски системи, минофрлачи, противтенковски орудија).

Впрочем, дијалогот што се одржа засега не може да се нарече исчекор, смета генералниот директор на Рускиот совет за меѓународни работи Андреј Кортунов, затоа што „сите постојни проблеми - толкувањето на Минската спогодба и радикализацијата на дел од бунтовниците на Истокот остануваат“.

„Засега, пред сѐ, може само да се смета дека нема да има ескалација на почетокот на есента за која многумина зборуваат“; изјави во интервју за RBTH експертот и додаде дека исто така не може да се очекува целосен прекин на огнот на 1 септември, затоа што и на двете страни како и претходно има сили кои не се заинтересирани за тоа. Покрај тоа, изгледа, сите учесници навистина не гледаат алтернатива на Минската спогодба, смета тој. „Веројатно кон крајот на годината „Минск 2“ ќе го наречат неуспех и ќе решат да почнат одново, продолжувајќи ги роковите за негова реализација“, очекува Кортунов.

Сепак, обновата на работата на контакт-групата и договорот за прекин на огнот веќе можат да се сметаат за каков-таков прогрес, изјави за RBTH политикологот и директор на Институтот за глобални стратегии (Киев) Вадим Карасев. „Но засега сѐ се сведува на тоа“, резимира то. „На напредок, макар и минимален, можеме да се надеваме само по средбата во „Нормандиски формат“ во септември. Берлинската трилатерална средба (без Русија) беше потребна за усогласување на позициите кои тројката ќе ги дискутира со Путин“.  

Можноста за средба на највисоко ниво на крајот на септември во текот на заседанието на Генералното собрание на ООН веќе ја најавија помошникот на претседателот на РФ Јуриј Ушаков и украинскиот претседател Петро Порошенко.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.