Киев тврди дека ЕУ е подготвена да воведе нови санкции против Русија во септември

Претставник на Киев тврди дека е постигнат договор ЕУ да воведе нови санкции против Русија во септември доколку дојде до дестабилизација на ситуацијата во Донбас.

Европската унија е подготвена да воведе нови персонални санкции во случај да продолжи ескалацијата на конфликтот во Донбас, соопштува ТАСС.  

Ова го соопшти на брифингот заменик-раководителот на администрацијата на претседателот на Украина Константин Елисеев, коментирајќи ги преговорите што се одржаа во понеделникот со учество на претседателот на Украина Петро Порошенко, канцеларката на Германија Ангела Меркел и претседателот на Франција Франсоа Оланд.

„Во текот на средбата во Берлин страните потврдија дека постои тесна поврзаност меѓу исполнувањето на Минската спогодба и засилувањето на санкциите, како на индивидуалните, така и на секторалните“, изјави Елисеев.

Тој додаде дека е „постигнат договор, во случај ако ситуацијата остане исто толку затегната, тогаш ЕУ во септември ќе донесе одлука за персонални санкции спрема оние што се вклучени во дестабилизацијата на ситуацијата во Донбас“.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.