Медиум: Зближувањето на Русија и Кина е најголемиот кошмар на САД

Денес во меѓународните односи победник е Кина, затоа што расколот меѓу Русија и Америка расте.

Никсон и Кисинџер во 1971 година направија сјаен потег кога го искористија кинескиот страв од СССР правејќи историски чекор кон Кина. Оваа шаховска комбинација создаде стратешки триаголник во кој САД зазедоа поволна положба, свртувајќи ја идеологијата и разединувајќи ги двата комунистички режима. Сега, при изненадувачкиот недостиг на внимание од страна а САД, тензијата со Русија доведе до тоа Америка да биде заобиколена, а тоа може да има многу ризични последици по светскиот поредок.  Руско-кинеските односи денес се за последните половина век подобри од било кога, и благодарејќи на ваквата состојба на нештата имаат можност да изградат светски поредок според своето мислење, пишува „Национален интерес“ (The National Interest), а пренесува „inoСМИ.Ru”.

Стратешката логика на Кисинџер беше САД да добијат предност така што ќе имаат подобри односи со Москва и Пекинг отколку што имаа меѓу себе. Меѓутоа, изгледа дека денес победник е Кина, затоа што расколот меѓу Русија и Америка расте.  

Американските санкции ја присилија Русија да се сврти кон Исток. Нејзината иднина е во Азија, а гасните и нафтените договори во износ од речиси половина трилион долари ќе ѝ овозможат поддршка на лабавата руска економија. Кина добива скапоцен партнер за стабилизација и модернизација на Евроазија, преку примерот со Шангајската организација за соработка.

Авторите на статијата тврдат дека Москва и Пекинг, барем засега, избегнуваат стратешки ривалитет во Централна Азија, каде Москва е задолжена за безбедноста, а Пекинг за инвестициите, при што ќе помогне и новоформираната Банка за развој на БРИКС.  

Двете земји, покрај евроазиските цели, сакаат и мултиполарен светски поредок, тежнеат кон авторитарен капиталистички модел и се против отворениот интернет. Сепак, постојат и противречности меѓу нив. Пекинг е против мешањето на Русија во работите на поранешните советски земји и затоа „без особен ентузијазам се однесува спрема акциите на Русија во источна Украина“.  

Според пишувањето на „Национален интерес“, правецот на движење на светот во значителна мера ќе зависи од улогата на САД во сложениот систем на меѓународни односи. САД ќе мораат да покажат поголема мобилност, флексибилност и прагматичност и да се откажат од униполарните стремежи да почнат да дејствуваат како „први меѓу еднаквите“. За да пронајдат рамнотежа во односите со Русија, САД ќе мораат да направат многу непријатни компромиси.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.