„Комерсант“: „Нафтогас“ побара од „Гаспром“ аванс за транзитот на гас во Европа

Украинската компанија, според информациите на „Комерсант“ е подготвена да ги пренамени тие пари за купување гас за складирање во подземните складишта.

„Нафтогас на Украина“ предложи „Гаспром“ да даде аванс на украинската компанија за сметка на идните плаќања за транзитот на гас во Европа, пишува весникот „Комерсант“ повикувајќи се на извори запознаени со текот на преговорите меѓу првите луѓе на корпорациите.  

Како што истакнува изданието, „Нафтогас“ е подготвен да ги пренамени тие пари за купување гас за складирање во подземните складишта.

Исто така, според зборовите на соговорникот на весникот, Украина не успеа да добие пари од Европа за полнење на подземните резервоари со гас пред почетокот на зимата. Киев од пролетта води преговори со ЕБОР, ИФЦ и Светската банка за кредити со вкупен износ од 1 милијарда долари, но засега безуспешно.

Соговорникот на изданието истакнува дека одлуката за давање аванс на „Нафтогас“ ќе ја донесе највисокото раководство на Русија.  

„Во секој случај тоа ќе биде чекор во пресрет на Украина, макар што и за „Гаспром“ оваа варијанта не е лоша, затоа што ќе овозможи без особени трошоци да се осигураат зимските испораки во Европа“, вели соговорникот на изданието.

Освен тоа, „Комерсант“ додава дека таквата схема за авансирање на транзитот се применувала во 2012-2013 година во текот на претседателствувањето на Виктор Јанукович. Последен пат „Гаспром“ му даде на „Нафтогас“ аванс од 1 милијарда долари летото 2013 година, а за тие пари украинската компанија ги полнеше подземните резервоари на гас за зимската грејна сезона.

По уште едни безуспешни трилатерални преговори за гасот на 30 јуни Украина ја запре набавката на гас од РФ до усогласување на условите за испорака и сега добива гас само по реверс од Европа. Истовремено Украина активно бара средства за купување гас за негово складирање во подземните резервоари до почетокот на претстојната зима.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.