„Дојче Веле“: Русија може да го оживее „Јужен тек”

Путин почна да зборува за Бугарија со помирлив тон.

Изјавите на бугарскиот премиер Бојко Борисов на почетокот на јули звучеа како оправдување: „Не е случајно тоа што претседателот Путин зборуваше многу остро против Бугарија. Сигурен сум дека имал причини за тоа. Меѓутоа, ние без вина станавме виновници и немавме никаква желба ниту цел да заладат односите меѓу Бугарија и Русија“. Под тоа се подразбираа економските санкции против Кремљ кои Бугарија како членка на ЕУ ги поддржува, пишува „Дојче Веле“ (Deutsche Welle), а пренесува „inoСМИ.Ru”.

Изданието наведува дека изјавата на Борисов се однесува на зборовите на Путин во Анкара кога неочекувано соопшти дека важниот проект за Бугарија „Јужен тек“ е запрен. Тогаш рускиот претседател за неуспехот на проектот ја обвини Бугарија, затоа што таа не беше способна да „делува како самостојна држава“.

Како што пишува германското издание, сега Путин почна да зборува за Бугарија со помирлив тон. Тој на почетокот на неделата на Крим рече дека членството во НАТО на оваа земја е суверен избор на Бугарите, како и дека Москва ќе ја продолжи соработката со Софија, и покрај тешкотиите во реализацијата на проектот, вклучувајќи ги оние од енергетиката како што е гасоводот „Јужен тек“. Одделни набљудувачи во Бугарија видоа во овие изјави „јасен сигнал за помирување“ и „потполно нов тон во билатералните односи“.   

Путин уверуваше дека Русија ќе ја развива билатералната соработка „во сите правци“, а како што тврдат авторите на статијата, тој ги имал предвид двата правци поврзани за тензијата меѓу Русија и Западот и геостратешката положба на Бугарија како членка на НАТО и ЕУ. Првиот правец се руските проекти за изградба на гасоводите кои, освен своето економско значење истовремено претставуваат инструмент на надворешната политика на Русија. Во Москва веќе не се категорични дека од 2019 година рускиот гас нема да стигнува до Европа преку Украина.  

Истовремено, според одделни набљудувачи, „Јужен тек“ повторно доби добри шанси. Со оглед дека од Москва сѐ уште нема стигнато официјално соопштение за прекин на соработката во врска со „Јужен тек“, Бугарите сметаат дека е можно да се спаси проектот. Авторите наведуваат дека гласовите за ревитализација на „Јужен тек“ доаѓаат очигледно од извори од Москва, затоа што на Русија ѝ се потребни гасоводите како инструмент за политички притисок и Бугарија би можела да ја одигра во тоа својата улога.

Вториот правец е поврзан со обидот на Кремљ да го поткопа единството внатре во НАТО и ЕУ, како во однос на санкциите против Русија, така и по прашањата на безбедноста. Во таа смисла, Бугарија е добар терен за „скриени акции“, тврдат авторите. Москва и понатаму има значајни сојузници в Софија, особено во редовите на најголемата опозициска партија во парламентот. Како што наведува изданието, бугарските социјалисти многу се израдувале на последните изјави на Путин.

Меѓутоа, пишува „Дојче Веле“, повеќето политичари се свесни дека мала земја како Бугарија не може да стане трет арбитар во меѓународната арена. Тоа го признава и бугарскиот премиер. Од неговата изјава се добива впечаток дека Бугарија не ги поддржала санкциите против Русија од лични побуди, туку поради притисок однадвор.  

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња