„Вашингтон Пост“: Крахот на цената на нафтата брзо ќе го докрајчи режимот на Путин

Кога паднаа цените на нафтата во 1980-те години, Советскиот Сојуз се распадна, пишува „Вашингтон Пост“ (Washington Post) и се прашува што ќе се случи овојпат.

Цените на нафтата за помалку од една година паднаа за повеќе од 50%. Кога истото се случи во 1980-те години, Советскиот Сојуз се распадна, пишува „Вашингтон Пост“ (Washington Post) и се прашува што ќе се случи овојпат.

Американскиот весник го наведува мислењето на стручњаците кои сметаат дека падот на цената на нафтата овојпат ќе трае подолго и дека на ниту еден начин не може да се спречи. Леонардо Мауџери, поранешен директор за стратегија на италијанскиот енергетски гигант Eni предвидува дека следната година цените на нафтата би можеле да паднат на 35 долари по барел во споредба со преку 105 долари колку што изнесуваа летото минатата година.

Новинарот анализира како ваквата ситуација би можела да се одрази на неколку земји „со сомнителни режими“: Венецуела, Русија, Иран и Ирак.

Што се однесува до Русија, американскиот весник пишува дека популарноста на Владимир Путин се поклопи со наглото зголемување на цените на нафтата, што предизвика пораст на БДП-то, поголеми приходи и субвенции за обичните граѓани. „Сега сѐ се менува во обратна насока. Руската економија, според прогнозите, оваа година ќе доживее пад од 3,4%. Приходот од нафтата и гасот ја сочинува половината од приходите на руската влада. Важно е да се истакне дека оваа година профитот на „Гаспром“, националниот гасен гигант, според процената, оваа година ќе падне за речиси 30%”, пишува американскиот новинар. 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.