Руската флота ќе добие „мистериозна нуклеарна подморница” која може да ѝ парира на американската подморница „Џими Картер”, пишува основачот на воениот блог „War Is Boring” Дејвид Екс за изданието „The Daily Beast”, а пренесува РИА „Новости”.
Аналитичарот истакнува дека на 11 август на доковите во Северодвинск се појавила нова нуклеарна подморница под името„Москва“ (името ѝ го даде самиот автор на текстот. Во Северодвинск на 11 август е одржана церемонија на излегување од бродоградилиштето на ракетниот подводен крстосувач за стратешки намени БС-64 „Подмосковје”). Според мислењето на Екс, подморницата претставува модернизирана верзија на советскиот крстосувач од 1980-те години која во свое време пловеше во водите на Арктикот.
„Москва” е развиена како нуклеарна подморница од четврта генерација (според класификацијата на НАТО DELTA IV) за екипаж од 125 луѓе. Вооружена е со 16 интерконтинентални балистички ракети. Подморницата во 1999 година беше испратена на ремонт. Се претпоставува дека „Москва“ ќе стане пловило за „специјални намени” и дека ќе се користи за работа на нуклеарните станици на големи длабочини и собирање разузнавачки податоци.
Како што пишува авторот, денес „Москва” има други задачи: подморницата делумно може да служи како истражувачка станица, шпионско пловило или база за други пловила и подводни беспилотни летала. Американскиот воен аналитичар Ерик Вертхајм смета дека самиот факт на појавување на нова подморница ја покажува желбата на РФ да ја модернизира флотата и да ја предизвика Воената морнарица на САД, како на површината, така и во подводното пространство.
„Без оглед за коа цел е изградена таа подморница, таа би можела да стане нешто што американскиот посматрач не е во состојба ниту да замисли“, смета стручњакот. Како што се наведува во статијата, Норман Полар, кој е запознат со работата на многу конструкторски бироа кои ги проектираат руските подморници, истакнува дека американските конструктори „никогаш не биле толку инвентивни како овие момци“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче