„Блумберг“: САД ја убедија Украина да не војува за Крим

Украинската влада била подготвена да одговори на враќањето на Крим на Русија со воени средства, но без поддршката од САД таа операција била осудена на неуспех и затоа Вашингтон го советувал Киев да не стапува во директна конфронтација со Русија, пишува „Блумберг“.

Кога руските „зелени човечиња“ се појавија на Крим, Киев се најде пред избор дали да се бори против нив или не. Токму администрацијата на Обама им дала до знаење на киевските власти дека треба да се избегнува воена конфронтација со Русија, пишува „Блумберг“ повикувајќи се на извори во американската и украинската влада. Европските земји го делеле истото мислење, пренесува „ИноTV“.

Официјалните лица признаваат дека Вашингтон само советувал, но не барал такво нешто. Тогаш било нејасно кои се целите на Русија, украинската војска „не беше подготвена да му се спротивстави на рускиот спецназ“, а властите во Киев беа привремени и ги вршеа должностите додека во земјата не се одржат избори.

Освен тоа, Белата куќа се плашела дека во случај украинската војска да започне судири на Крим, претседателот на Русија Владимир Путин „може да организира многу поголема инвазија врз Украина, како во Грузија во 2008 година“, пишуваат авторите на статијата. Сепак официјалните лица во Вашингтон не признаваат дека САД му давале таков совет на Киев.  

Ваквата одлука е погрешна, затоа што ако „на Русија веднаш не ѝ се даде отпор, нејзините амбиции ќе пораснат“, вели потпретседателот на Атлантскиот совет Дејмон Вилсон.

Исто така, тука бил и факторот Путин, кому секоја агресивна реакција на Киев би му била добредојдена и би станала причина за испраќање на руски сили во регионот „под изговор за помош на рускојазичното население“.

Несакањето на САД да ѝ испрати на Украина смртоносно оружје се објаснува со стравот дека тоа ќе значи директна воена конфронтација со Москва. Истовремено одлуката на Киев да не одговори со воени дејства на присоединувањето на Крим кон Русија не ѝ оди во корист на владата на Украина, смета весникот.

Истото мислење го дели и поранешниот американски амбасадор во Русија Мајкл Мекфол. „Мислам дека Путин се зачуди колку лесно се одвои Крим и затоа кога некој рече: ајде да видиме што уште може да се направи, тој реши да ризикува“, изјави поранешниот дипломат.

Администрацијата на Обама сака „ресетирање“ на односите со Русија и за тоа зборува мајската посета на Џон Кери на Сочи,  смета весникот. Сепак Кремљ одново ѝ се заканува на Украина и „ако помошта не дојде, Путин може да реши дека не мора и понатаму да плаќа за своето вмешување“, пишува „Блумберг“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.