Лавров: Идејата на Путин за борба против „Исламската Држава” ги заинтересира странските партнери

Предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за формирање широк антитерористички фронт за борба против екстремистичката организација „Исламска држава“ (ИД) предизвика интерес кај руските партнери на меѓународната сцена, изјави министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров, пренесува „Взгљад

Иницијативата на претседателот на Русија Владимир Путин ги заинтересира сите. Таа подразбира формирање коалиција од луѓе кои веќе војуваат и за кои ИД е неприфатлива“; рече Лавров во интервју за телевизијата „Русија 1“, коментирајќи ги резултатите од неговата посета на Катар и Малезија.  

Шефот на руската дипломатија е убеден во подготвеноста на Дамаск за учество во меѓународни структури за борба против „Исламската држава“. Според него, главниот град на Сирија би се согласил да се приклучи во борбата на меѓународната коалиција доколку би добил таков предлог. „Пред година дена беше соопштено дека се формира коалиција на чело со Американците за борба против ИД во Ирак и Сирија. Добиена е согласност од Иран, додека Сирија не ја ни прашаа, иако сум уверен дека Дамаск би ја дал својата согласност доколку би имале спрема него ист пристап“, истакна рускиот министер.

Лавров нагласи дека ваквиот исход би овозможил разгледување на иницијативата за формирање на коалиција против ИД во Советот за безбедност на ОН, за да се добие целосен легитимитет и да се обезбеди поддршка на меѓународната заедница.  „Во тој случај не би имало нејаснотии кој кого бомбардира, по чија директива и во спротивност со чиј став. Би имало почитување на  Повелбата на ОН, на меѓународното право“, рече Лавров.

Тој додаде дека САД и многу земји од регионот имаат двојни стандарди, затоа што претседателот на Сирија Башар Ал Асад беше легитимен партнер при спроведувањето на операцијата во врска со уништувањето на хемиското оружје, додека за борба против тероризмот е неподобен. Освен тоа, Лавров истакна дека шпекулациите за тоа дека Асад соработува со ИД  се нелогични. „Здравиот разум кажува дека такво нешто е невозможно затоа што не може ни да се помисли дека некој соработува со организација која има за цел да ја преземе власта над огромна територија, не само на Блискиот Исток и Северна Африка”, заклучи шефот на руската дипломатија.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња