Медиуми: Русија и Кина добиле пристап до фајловите на Сноуден, Лондон отповикал свои агенти

Притоа Велика Британија нема докази дека некој од агентите претрпел некаква штета поради сознанијата на Москва и Пекинг, пишуваат британски медиуми.

Велика Британија отповикала редица агенти од својата разузнавачка служба МИ6 откако Русија и Кина добиле можност да ги прочитаат фајловите кои Едвард Сноуден им ги предаде на медиумите. Ова за „Би-Би-Си“ го изјави извор во владата на Обединетото Кралство.

Русија и Кина „имаат информација“ која станала причина британските агенти да бидат отповикани од оперативна работа, но Лондон „нема докази“ дека некому од нив таквите сознанија на Москва и Пекинг му нанеле штета, пишува денеска „Би-Би-Си“, цитирајќи го својот извор.

Русија и Кина успеале да пробијат над „1 милион тајни фајлови“ кои претходно му биле на располагање на Сноуден, соопшти од своја страна весникот „Сандеј Тајмс“ повикувајќи се на претставници на владата и тајните служби на Велика Британија. Во нив се содржела информација за детали на методите на работа на разузнавањето и докази кои би помогнале да се откријат британски и американски агенти во „непријателски земји“. Весникот не прецизира за кои земји станува збор.  

Поранешниот припадник на ЦИА и Агенцијата за национална безбедност (НСА) Едвард Сноуден во јуни 2013 година им предаде на медиумите податоци, особено за програмата за тотално следење од страна на американските тајни служби на населението на земјата и електронското шпионирање на лидерите на низа странски земји. Овие податоци предизвикаа сериозен скандал и ги усложнија односите на администрацијата на САД со нејзините сојузници.  

Во текот на годината по откривањето на тие податоци Сноуден се наоѓаше во Русија врз основа на одлуката за привремен азил чиј рок истече на 1 август 2014 година, по што Сноуден доби дозвола за престој во РФ на три години.

Во САД против него се поднесени обвиненија за издавање тајни информации и му се заканува долготрајна затворска казна. Претставници на администрацијата на САД многупати изјавуваа дека го сметаат Сноуден за предавник и немаат намера да му простат, затоа што тој им нанел сериозна штета на интересите на државната безбедност на земјата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња