Аналитичар: Русија поради западните санкции го менува системот на светската економија

Русија го искористија вистинскиот момент за да направи кардинален пресврт во светската економија, пишува аналитичарот Тимоти Стенли за магазинот „Форбс“.

Русија, како и земјите од БРИКС и Шангајската организација за соработка, го искористија вистинскиот момент за да направат кардинален пресврт во светската економија, пишува аналитичарот на една од водечките светски компании за консалтинг „Контрол Рискс“ Тимоти Стенли во статија за магазинот „Форбс“.

Обидувајќи се да создадат алтернатива на сеприсутниот долар, Русија и Кина минатата година потпишаа спогодба за валутен своп во вредност од 25 милијарди долари. „Сбербанк Русија“ соопшти дека издаде акредитиви со вклучување на финансирањето од Извозно-увозната банка на Кина. Руските власти исто така ја разгледуваат можноста за емисии на хартии од вредност во јуани.

А откако Западот ја најави можноста поради кризата во Украина да ја исклучи Русија од системот за плаќање SWIFT, Москва и Пекинг осмислија алтернативни платежни системи за земјите од БРИКС, се наведува во статијата, пренесува  РИА „Новости”.

„Централните банки на неколку регионални економии, вклучувајќи ги Кина, Русија и Казахстан, купуваат злато во неверојатни количини, што може да значи дека се подготвуваат во среднорочна перспектива да основаат некаков финансиски инструмент кој има покритие во злато“, пишува аналитичарот.

Русија смета дека Западот подготвува „макијавелистички план”. Москва е убедена дека не треба да им се верува ниту на политичарите, ни на медиумите, ни на финансиските институции од Западот, и тоа поради повеќе причини, почнувајќи од воената интервенција на НАТО во Авганистан и Ирак па сѐ до државниот преврат во Украина и обидот да ѝ се одземе на Русија правото за одржување на Светско првенство во фудбал 2018 година.

Земјите-членки на БРИКС сфатија дека Западот не планира да го реформира системот заснован на договорот Бретон Вуд, кој го прават Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Меѓународната банка за реконструкција и развој, и почнаа да создаваат алтернатива на прозападните финансиски институции. Со таа цел ги основаа Банката за развој на БРИКС и Азиската банка за инфраструктурни инвестиции, објаснува Тимоти Стенли.  

Во тој контекст заедничкиот самит на БРИКС и ШОС во Уфа, кој ќе се одржи во јули, ќе биде многу симболичен и Западот би требало да му обрне внимание. Во еден град во ист момент ќе се соберат претставниците на најголемите светски економии во развој, како и на земјите кои сакаат да ги зачуваат сопствениот суверенитет и безбедноста на огромната територија на Евроазија.

„Западната „изолација“ на Русија ја поттикнува оваа земја да создава нови економски ситуации кои треба да ѝ овозможат создавање на поурамнотежена и постабилна економија во текот на идните децении“, пишува аналитичарот. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња