Минатата недела беше спроведена анкета меѓу 50 највлијателни политичари во Европа и САД. Повеќето од нив се единствени во ставот дека најголема светска закана е рускиот претседател Владимир Путин. Меѓутоа, тој консензус не е претставен пред широкиот аудиториум, пишува британскиот „Тајмс“, а пренесува рускиот сервис на „Би-Би-Си“.
Владимир Путин, кој во рамките на својата стратегија да внесе раздор во Европа ја посети Италија, ќе биде задоволен од резултатите од анкетата на јавното мислење спроведена од страна на американската независна социолошка компанија Pew Research Center, наведува весникот. Анкетата покажува депресивна слика на решителноста на членките на НАТО дека нивните земји не треба да применат вооружена сила во заштита на сојузничките држави од напад на Русија. Само 38% Германци се подготвени да ги штитат источните граници на Алијанса. Изданието наведува дека тоа би требало да ги загрижува Полска, Романија и балтичките држави, затоа што тие стапија во НАТО сметајќи на тоа дека Алијансата ќе ги заштити од „руското покажување мускули“.
Како што наведува британскиот весник, НАТО треба да објасни зошто постои и да наведе убедливи објаснувања. Едната од дефинициите за декаденција гласи дека тоа е неподготвеност за преземање одговорност. „Тајмс“ пишува дека претседателот Путин „ги намирисал овие деструктивни слабости кои му овозможија во последните 15 месеци да се занимава со воен авантуризам“.
Кремљ, со којшто управува, како што пишува „Тајмс“, мала параноична група луѓе околу Путин, смета дека ги има сите предности. Имајќи предвид дека земјите на НАТО не сакаат да се борат, затоа што западните Европејци не гледаат причина зошто биги штителе своите сојузници, Русија се чувствува слободна да го поткопува Член 5 од договорот на НАТО, наведува „Тајмс“.
Додека Италија и Грција „ги отвораат своите срца за Путин“, веројатноста дека санкциите против Русија ќе бидат на сила до крајот на годината е сѐ помала, пишува весникот. Европејците не треба да ѝ дадат одврзани раце на Москва за анексија на туѓи територии и дестабилизација на целиот регион, смета „Тајмс“.
„Фајненшел Тајмс“ пишува дека премиерот на Италија Матео Ренци стоеше рамо до рамо со лидерите на Г-7 кога се закануваа со нови санкции за Русија, а потоа топло го пречека рускиот лидер во Милано. „Блиските односи на двете земји им пречат на европските партнери да се спротивстават на сѐ поагресивниот Путин“, се наведува во изданието. Според весникот, западните дипломати ја сметаат Италија за слаба алка. Пријателските односи на Берлускони со Путин и трговската соработка на Италија со Русија, воспоставена за време на неговото владеење, се загрозени од кризата во Украина, наведува ова издание.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче