Во Г-7 можат да бидат само оние кои им се целосно лојални на САД, изјави за „Руска служба новостеј” политикологот Михаил Леонтјев, коментирајќи го самитот на Г-7 во Германија.
„Што се однесува до Русија, тие не ни мораа да се состанат. Ставот на САД веќе претходно беше формулиран, а во Г-7 владее железна дисциплина. Не можам воопшто да сфатам што баравме ние во Г-8. Таму можат да бидат само оние кои се послушни и предани. Тоа е апсолутно дефинирана конструкција. Таа беше поинаква пред некое време, кога Европа имаше самостојни лидери кои се обидуваа да ги заштитат интересите на своите земји“, истакна Леонтјев. Меѓу таквите политичари тој ги издвои Жак Ширак, Герхард Шредер и Силвио Берлускони.
„Но таа генерација е отстранета во рамките на проектот на спротивставување на руско-европското зближување. Се работи за класична американска политика: не смее да се дозволи зближување со Русија, а посебно не зближување меѓу Германија и Русија”, изјави Леонтјев.
Политикологот истакна дека на самитот не биле поканети они кои хипотетички можеле да бидат против продолжение или заострување на санкциите против РФ. Се работи, меѓу другото, за јужноевропските земји.
На Европската унија, според мислењето на Леонтјев, не може да се гледа како на самостоен политички субјект. Од самиот почеток Европската унија е американски проект, смета политикологот.
„Тоа е паразитска организација. Таа е претворена во американски инструмент кој треба да ја потчини европската политика на глобалните американски интереси, меѓу кои се и интересите во сферата на пазарната конкуренција“, истакна Леонтјев. Тој исто така изјави дека во Европа е формиран бирократски систем кој политички го покриваат САД и кој се раководи исклучително од своите интереси, а ни најмалку од интересите на оние земји што ги претставува.
„Европа е осудена на деградација на социјалната структура што ја создаде. Целата европска конструкција беше можна благодарение на тоа што беше можно да се дели профитот, а политичките неслагања и судирите можеа да се решаваат со пари“, заклучи Леонтјев.
Самитот на Г-7 се одржа во баварскиот замок Елмау на 7 и 8 јуни. На покана на канцеларката на Германија Ангела Меркел, на самитот учествуваа: претседателите на САД Барак Обама и на Франција Франсоа Оланд, премиерите на Велика Британија Дејвид Камерон, на Италија Матео Ренци, на Канада Стивен Харпер и на Јапонија Шинзо Абе. Институциите на Европската унија ја претставуваа претседателите на Европската комисија Жан-Клод Јункер и на Европскиот совет Доналд Туск.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче