Претседателот на Франција Франсоа Оланд е убеден дека дијалогот со Русија треба да продолжи. Ова тој го изјави на прес-конференцијата по завршувањето на самитот на Г-7 во баварскиот Елмау.
„Контактите со Русија треба да продолжат“, потенцираше Оланд. „Ако Русија не беше поканета на денешниот самит, тоа воопшто не значи дека со неа повеќе не треба да се води дијалог“: Францускиот лидер потсети дека „покрај Г-7 постои и друг, проширен формат – Г-20“. „Русија игра клучна улога на преговорите за Сирија, Иран и Украина“, појасни Оланд.
Истовремено претседателот на Франција истакна дека сѐ уште нема услови за укинување на санкциите против Русија. „Во дадениов момент нема причина за нивно укинување“, рече Оланд. Исто така, тој даде до знаење дека исто така нема потреба и од воведување нови санкции. Најверојатно, прецизираше европскиот лидер, на Советот на ЕУ „европските власти ќе предложат продолжување на санкциите до крајот на годината“.
Оланд не ја исклучи можноста за пожестоки санкции во врска со украинската криза. „Ако стане јасно дека Русија продолжува да испорачува оружје и да биде воено присутна на истокот на Украина, а исто така, доколку се покаже дека источните региони не преземаат мерки за почитување на Минската спогодба, тогаш тоа може да послужи како оправдување за пожестоки санкции“, истакна тој.
Истовремено францускиот лидер потенцираше дека Минската спогодба „е на сила за двете страни“ и содржи цела низа барања кои треба, од своја страна, да бидат исполнети од киевските власти. На пример, продолжи тој, тие одредби се однесуваат на „децентрализација, спроведување локални избори, обезбедување на слободно движење на стоки, исплата на пензиите и социјалните давачки“ на жителите на истокот на Украина. „Има чекори кои треба да се направат и за кои се слушна барање во Минск“, додаде Оланд.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче