„Комерсант“: Украина сака да го земе под своја контрола транзитот на руски гас

Украина сака да дојде до виртуелен реверс на гасот од РФ преку своја територија, против што се залага „Гаспром експорт“, пишува „Комерсант“.

Компанијата „Укртрансгас“ сака да добие контрола над транзитот на гас од РФ во Европа, пишува весникот „Комерсант“.

Компанијата „Укртрансгас“ потпиша договор за соработка и размена на информации со операторот на унгарскиот систем за транспорт на гас „ФГСЗ“, соопштува изданието. Тоа ќе помогне да се организира виртуелен реверс на гасот преку Украина.  

„Тоа значи дека Киев ќе може да купува од европските компании гас кој им го испорачува „Гаспром“, и да го собира од цевките на своја територија, што не само што ја ослободува земјата од потребата да плаќа за транспорт, туку ѝ дава и можност во целост да се обезбеди со гас без договор со „Гаспром“. Освен тоа, европските компании ќе можат да го складираат гасот во украинските ПСГ, што создава претпоставки за организациja на гасен хаб во земјата“, пишува изданието.

Весникот пишува дека во моментов таква схема е невозможна, затоа што сега транзитниот гас на западната граница на Украина се предава на „Гаспром експорт“, а по него, на операторите на системите за транспорт на гас од Полска, Словачка, Унгарија и Романија. Од своја страна, „Укртрансгас“ не ги знае конкретните обеми на гас што се користат од потрошувачите, затоа што не ги знае дигиталните кодови со кои се означува конкретен добавувач или корисник на гас.

Затоа, како што истакнува весникот, „без учество на „Гаспром експорт“ не може да се организира виртуелен реверс на територијата на Украина“.

„Во ЕУ виртуелната испорака на гас не само што е дозволена, но и предвидена со Третиот енергетски пакет. Сега, откако го воспостави првиот директен контакт со европскиот оператор за транспорт на гас, Украина планира да побара од „Гаспром проект“ да ѝ ги даде дигиталните кодови“, пишува изданието.

Првиот човек на „Нафтогас“ Андреј Коболев изјави дека, доколку тоа не се случи, тогаш Украина ќе поднесе жалба до директоратот на Европската комисија за конкуренција, а од Европската комисија истакнаа дека во целост ја поддржуваат спогодбата меѓу „Укртрансгас" и „ФГСЗ“.

Во „Гаспром“ се убедени дека постојната схема на транзит се потпира на договорот од 2009 година, затоа ни законите на ЕУ, ни законите на Украина не можат еднострано да ја сменат ситуацијата, пишува „Комерсант“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.