Русија ја крши Спогодбата за ракетите со среден и краток дострел, се соопштува во извештајот на американскиот Стејт департмент за статусот на сите спогодби за вооружување потпишани од Вашингтон Овој документ во саботата, 6 јуни, беше доставен до Комитетот за вооружените сили на Конгресот на САД, пренесува ТАСС.
Во дипломатскиот ресор на САД се наведува дека кршењето на спогодбата од страна на Русија се бележи веќе втора година по ред. „По две години дипломатски напори Русија не се врати на реализација на Спогодбата за ракетите со среден и краток дострел, а Белата куќа не успеа да преземе реални чекори за да ги заштити интересите на САД“, изјави претседателот на Комитетот Мек Торнбери.
Според неговите зборови, САД не можат да се помират со тоа, затоа што тоа е многу важен документ. „Претседателот на Здружениот штаб веќе предложи конкретни мерки поради кршењето на Спогодбата од страна на Русија. Претседателот мора да даде команда веднаш да бидат реализирани“, смета Торнбери.
Администрацијата на Барак Обама претходно соопшти дека постои можност за распоредување на нуклеарни боеви глави во Европа како одговор на Русија и нејзиното кршење на спогодбата. Од друга страна, директорот на одделението за прашања за неширење и контрола над вооружувањето на Министерството за надворешни работи на Русија Михаил Уљанов неодамна изјави дека потезите на САД можат да ја наведат Русија да почне со зголемување на арсеналот на нуклеарно оружје, коментирајќи го предлогот на САД бројот на боевите глави на Америка и Русија да се намали за една третина.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче