Путин: Само нездрав човек може да смета дека Русија ќе го нападне НАТО

Само „нездрав човек, и тоа во сон“, може да си претстави дека Русија ќе го нападне НАТО, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Што се однесува до стравовите на некои земји по повод можни агресивни дејствија на Русија – мислам дека само нездрав човек, и тоа во сон, може да си претстави дека Русија одненадеж ќе го нападне НАТО. Во некои земји едноставно, ми се чини, шпекулираат на стравовите во однос на Русија“, ги цитира РИА „Новости“ зборовите на Путин повикувајќи се на италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.

„Некои сакаат да ја играат улогата на оние фронтовски земји на кои треба дополнително да им се помага поради тоа: или на воен план, или на економски, финансиски, како кому му одговара. Затоа е бесмислено да се поддржува таа идеја, нема никаква основа за тоа. Но некој, веројатно, е заинтересиран за одржување на тие стравови. Јас можам само да искажам претпоставки“, додаде Путин.

Тој претпоставува дека Американците не сакаат Русија и Европа да се зближат, ами сакаат да го задржат своето лидерство во атлантската заедница, и за тоа им е потребна надворешна закана.

„Иран очигледно не е доволен – не е таа закана, не е многу страшно. Со кого да плашиме? И од никаде се појави кризата во Украина. Русија е принудена да реагира. Можеби тоа е намерно направено, јас не знам. Но ние не го правиме тоа“, истакна шефот на државата.

„Сакам да ви кажам, нема зошто да се плашите од Русија. Светот толку се смени, што луѓето со здрав разум денеска не можат да си претстават таков воен конфликт од големи размери. Ние имаме со што да се занимаваме, бидете сигурни“, потенцира Путин.

„Русија со никого не разговара со конфликтен тон, и за таквите прашања, како што рече еден од политичките дејци во минатото Ото фон Бизмарк, „не се важни разговорите, ами потенцијалот“, рече Путин.

„Сѐ што правиме е едноставно одговор на заканите кои се упатуваат на наша адреса. Притоа ние го правиме тоа во апсолутно ограничен обем и размер, но во таков, кој гарантирано би ја обезбедил безбедноста на Русија“, истакна претседателот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.