Администрацијата на Барак Обама изјави дека постои можност за распоредување нуклеарни ракети во Европа како одговор за Русија на нејзиното кршење на Договорот за уништување на ракетите со среден и краток дострел. Истовремено, американските чиновници истакнуваат дека Вашингтон може да употреби „дополнителни средства“ во Украина. Тешки зборови се слушнаа на темелите на новите судири во Украина во пресрет на самитот на Г-7, пишува Газета.Ru.
Овие информации се наоѓаат во извештајот на претседателот на Комитетот на Здружениот штаб на Вооружените сили на САД генерал Мартин Демпси. Во извештајот се наведува дека САД, засега, се обидуваат да ја убедат Русија да го почитува Договорот за ракетите со среден и краток дострел во Европа. Оваа спогодба се смета за камен-темелник на рамнотежата на моќта, а страните во последно време повеќепати се обвинуваа една со друга за нејзино кршење, пишува рускиот медиум.
Како што наведува руското издание, се претпоставува дека во случај на распоредување на нуклеарно оружје во Европа, новата студена војна ќе биде реалност. Не е јасно каква ќе биде реакцијата во европските политички кругови, затоа што на таквиот чекор можат да му се спротивстават левичарските струи и дел од евроскептиците. Многу политички групи и движења од Западот во 80-те години беа против распоредување на американски нуклеарни ракети во Европа. Во тоа време, руското нуклеарно оружје беше распоредено на територијата на Источна Германија и Чехословачка, кои тогаш беа сојузници на Москва, а сега исчезнаа од географските карти.
Заменик-советникот за национална безбедност на САД Бен Родс изјави на 4 јуни дека САД можат да искористат „дополнителни средства“ во случај Русија да не придонесува за примирје на истокот на Украина. За какви конкретно мерки станува збор, тој не рече, но претходно Обама изјави дека САД го задржуваат правото да започнат со испорака на „смртоносно оружје“ во Украина, од што засега се воздржуваат. Интересно е дека Родс неодамна даде спротивна изјава, изјавувајќи дека испораката на оружје не е најдобар начин да се оконча конфликтот.
Интересно е и тоа, пишува Газета.Ru, дека зборовите на високите функционери на Вашингтон прозвучеа истовремено со изјавата на портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, кој на прашањето дали Владимир Путин може да примени воена сила во странство, рече дека лидерот на државата може да го искористи секое свое уставно загарантирано право.
Изјавите на Обама и Родс се објавени непосредно пред самитот на Г-7 кој ќе се одржи овој викенд во Германија. Како што се очекува, поголем дел од дневниот ред ќе биде посветен на Украина. Како што пренесуваат американските медиуми, Обама планира да ги убеди европските лидери да не ги укинуваат санкциите против Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче