Македонија ќе извезува млеко и месо во Русија

Денеска македонската Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија на својата веб-страница објави дека е потпишан Меморандум со кој македонски млечни и месни производи ќе може да се извезуваат на рускиот пазар.

Денеска Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија на својата веб-страница објави дека е потпишан Меморандум со кој македонски млечни и месни производи ќе може да се извезуваат на рускиот пазар. 

Меморандум беше потпишан помеѓу македонските Министерство за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство, и Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација.

Со Меморандумот на техничко ниво треба да се регулираат ветеринарните и фитосанитарните услови и барања за домашните оператори за храна кои сакаат да извезуваат во Русија, за што се преговара подолго време. До Агенцијата за храна досега се доставени барања за извоз од 12 оператори, кои ќе бидат подложени на инспекција од комисија од Руската федерација кон крајот на август или почетокот на септември годинава. Очекувањата се првите производи да бидат извезени до крајот на годинава.

Министерот за земјоделство на Република Македонија Михаил Цветков истакна дека целта на активностите е проширување на пазарите за македонските производи.

– На пазарот во Руската Федерација нашите земјоделски производи, месо и месни производи и млеко и млечни производи не се продаваат и од тие причини правиме напори да можеме да ги продаваме. Имаме проблеми и со издавање лажни сертификати на други земји со друго производство согласно забраната за увоз на земјоделски стоки од ЕУ, така што наши сертификати се користат за извоз на овие земјоделски производи во Руската Федерација, рече Цветков по потпишувањето на Меморандумот.

За средината на следниот месец е најавено заседавање на заедничка комисија на министерствата за земјоделство на двете држави. По инспекциската контрола за домашните фирми најавена за крајот на август или почетокот на септември, ќе се одржи седница на Меѓувладината комисија за соработка со фокус на земјоделството.

Според директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, се отвораат големи можности за извоз и стратешки партнерства на домашните оператори со храна за што барањата од руска страна се доста големи. Станува збор за генерални барања за безбедност на храната и таа да биде од македонско потекло. Домашните компании кои сакаат да извезуваат на рускиот пазар се веќе подготвени и до посетата на руската инспекција има доволно време за дополнителна помош и насоки од Агенцијата, посочи Поповски изразувајќи надеж дека до крајот на годинава ќе се изврши извозот на првите македонски производи.

Инспекцијата, според Поповски, е нормална процедура со цел да се види усогласеноста со нивните законски прописи и да ги видат објектите.

Алексеј Алексеенко, помошник раководител на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, информира дека Македонија ќе добие скоро неограничен пристап кон рускиот и пазарите на останатите земји од Евроазискиот економски сојуз. Договорена е размена на податоци на најоперативен начин и подготвени се да помогнат во создавање електронски системи, вклучувајќи сертифицирање, лабораториски испитувања… Тоа се создава со цел да  излеземе на ниво кога можеме  да соработуваме само врз основа на доверба, наведе Алексеенко,  дополнувајќи и дека целта е и да се спречи незаконско користење македонски сертификати.

Квалитетот на македонските производи го оценува како многу висок, како и потенцијалот за развој.

- Ги имате сите фондови неопходни за развој на производството. Потенцијалот моментно се реализира нецелосно, а Македонија може да стане голем извозник на земјоделски производи, наведе Алексеенко.

Според рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак, Меморандумот создава услови за испорака на македонски производи на рускиот пазар земајќи предвид дека тоа се прави со долгорочна цел.

– Тоа значи дека македонските производители на земјоделски производи можат да ја планираат својата работа на долгорочен период. Меѓу другото, тоа е многу важно и за економијата на целата држава, отворање нови работни места, проширување на инвестициската дејност…, оцени Шчербак.

Трговската размена на Македонија со Руската Федерација, како што информира министерот Цветков, во 2014 во однос на 2013 година е зголемена за 92,8 проценти, а во првите три месеци од годинава е задржано истото темпо. Очекуваме дека 2015 година ќе биде подобра во однос на 2014 година, наведе Цветков.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.