„Сотби“ на барање на Русија тргна од аукција слика на Ајвазовски

Аукциската куќа „Сотби“ денеска ја отстрани од аукцијата сликата на рускиот сликар Иван Ајвазовски „Вечер во Каиро“, одговарајќи на тој начин на барањето на руската канцеларија на Интерпол.

Аукциската куќа „Сотби“ денеска ја отстрани од аукцијата сликата на рускиот сликар Иван Ајвазовски „Вечер во Каиро“, одговарајќи на тој начин на барањето на руската канцеларија на Интерпол. Ова го соопшти британската аукциска куќа за агенцијата ТАСС.

Претходно во понеделникот, 1 јуни, Министерството за внатрешни работи на Русија, кое преку Интерпол упати барање до безбедносните органи на Велика Британија, бараше да се тргне од аукцијата сликата на Ајвазовски. „Сотби“, имено, го одби претходното барање на Русија, тврдејќи дека не поседува податоци за тоа дека сликата е украдена. Претставничката на аукциската куќа соопшти дека е запознаена со барањето кое руското МВР го упатило до британските колеги, но дека не располага со информации за кражбата на ова дело.

Според податоците на руската полиција, сликата е украдена 1997 година од приватна колекција во Москва. 

Се очекуваше сликата на Иван Ајвазовски „Вечер во Каиро“ да биде една од најскапите на денешната аукција. Нејзината проценета вредност е 1,5-2 милиони фунти стерлинзи. Сликата не била изложена од 1950 година, од изложбата во Третјаковската галерија во Москва. Како потекло на сликата во каталогот се наведува „Колекцијата на Н. И. Дедов“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.