Падот на малезискиот „Боинг“ во Украина е причинет од дејството на противвоздушна наведувана ракета, соопшти советникот на главниот конструктор на концернот за проектирање и производство на вооружување во сферата на ПВО и ПРО „Алмаз-Антеј“ Михаил Малишевски. Тој додаде дека авионот може да биде соборен од систем „Бук-М1“, какви што поседува Украина.
„Испитувајќи ги оштетувањата на авионот заклучивме дека причината за падот на леталото би можело да биде делувањето на противвоздушна наведувана ракета“, изјави Малишевски, а пренесува ТАСС.
„Врз основа на податоците кои стручњаците на концернот ги имаа на располагање, дојдоа до заклучок дека несреќата најверојатно е предизвикана од ракета тип 9М38М1“, објасни тој.
Според зборовите на Малишевски, со сигурност може да се исклучи учеството во несреќата на ракета од системот „Бук-М2“, затоа што неговите проектили се единствени и не содржат елементи во форма на Т-профил. Претставниците на концернот истакнаа дека, доколку авионот бил соборен од системот „Бук“, тогаш тоа е само од „Бук-М1“. Стручњаците додадоа дека тој модел го поседува војската на Украина.
Ракетата со која е соборен авионот не се произведува во Русија од 1999 година. „Алмаз-Антеј“ исто така не ги модернизирал украинските системи „Бук“.
Михаил Малишевски додаде дека стручњаците го утврдиле правецот на лет на сите проектили при соборувањето на авионот. Стручњаците изјавија дека верзија според која ракетата била лансирана од реонот на градот Снежно не одговара на реалноста. „Ако ракетата дошла од правец на Снежно, би дошло до уништување на целиот преден дел од авионот, а ние гледаме сосем поинаква слика, и таа може да се објасни само ако ракетата е лансирана од Запорошченско“.
Селото Запорошченско притоа се наоѓало под контрола на украинските вооружени сили.
Стручњаците исто така не ја исклучија можноста малезискиот „Боинг“ да бил соборен од друг авион.
„Би биле потребни дополнителни испитувања за да можеме да кажеме со стопроцентна сигурност. На пример, уште анализа на заштитниот слој на „Боингот“ и други експертизи. За секој збор што го изнесовме врз основа на техничка анализа, подготвени сме да одговараме“, истакна генералниот директор на концернот „Алмаз-Антеј“ Јан Новиков.
Стручњаците на концернот своите заклучоци веќе ги предадоа на Меѓународната комисија за истрагата за падот на авионот.
На 17 јули 2014 година над територијата на Донецката област во Украина беше соборен авионот „Боинг 777“ на малезиската авио-компанија кој леташе од Амстердам за Куала Лумпур. Во авионот се наоѓаа 298 лица.
Министерството за одбрана на Русија изнесе податоци за несреќата според кои местото на кое е погоден „Боингот“ припаѓа на зоната на дострел на системите „Бук“ на Вооружените сили на Украина.
Стручњаци од Холандија сѐ уште ги истражуваат причините за авионската несреќа. Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров на 12 јануари изјави дека Западот заборави на истрагата за падот на „Боингот“, но дека Москва и понатаму повикува да се објават барем прелиминарните резултати.
Премиерот на Холандија Марк Руте на 23 јануари на тоа одговори дека резултатите од истрагата ќе бидат објавени во втората половина на 2015 година.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче