„Шпигел“: Америка заборава на санкциите кога тоа ѝ одговара

ЕУ под притисок на САД воведе санкции против Русија и европските компании поради тоа изгубија големи договори, додека американските компании ја зголемија трговската размена со РФ, пишува германскиот весник „Дер Шпигел“.

Европската унија под притисок на САД воведе санкции против Русија и европските компании поради тоа изгубија големи договори, додека американските компании ја зголемија трговската размена со Руската Федерација, пишува германскиот весник „Дер Шпигел“.

Авторите на статијата потсетуваат дека тексашката фирма „Бел“ потпиша договор за лиценца со „Уралскиот завод за цивилна авијација“, дел од „Ростех“ на чие чело се наоѓа Сергеј Чемезов.

И „Ростех“, и Чемезов се наоѓаат на американските листи на лица и претпријатија кои се под санкции. Меѓутоа, на компанијата „Бел“, која е специјализирана за производство на хеликоптери, тоа, очигледно, не ѝ ги наруши плановите.

Од друга страна, германската компанија за софтвер „САП“ од политички причини се откажа од соработка со руските клиенти. Поради тоа се оштетени и руски компании, како на пример „Роснефт“ и „Транснефт“.

Како што пишува „Шпигел“, многу земји од Европската унија, како Грција, Словачка, Австрија и Унгарија, ги доведуваат во прашање санкциите. Германските бизнисмени исто така се сомневаа во ползата од санкциите.

„Американците извршија врз Европа голем притисок со цел воведување на санкциите“, изјави Франк Шауф, раководител на асоцијацијата на европскиот бизнис во Русија. „Интересно е што тие, сепак, минатата година го зголемија обемот на трговија со Москва“.

Според податоците на Шауф, уделот на Русија во американската надворешна трговија е мал и изнесува само 3,7%. Затоа Вашингтон без проблеми ги воведе санкциите, истакнува овој експерт.

За тоа време обемот на надворешната трговија меѓу Европската унија и Русија се намали за третина. „Американските санкции се однесуваат на области во кои и порано размената на стоки беше незначителна, како што е, на пример, воената индустрија“, истакнува претседателот на Американската трговска комора во Русија Алексис Родзјанко, а пренесува „Взгљад“.

Германските новинари наведуваат неколку примери за успешна соработка меѓу руските и американските компании. На пример, во јули 2014 година компанијата „Боинг“ и најголемиот произведувач на титаниум во светот, руската компанија „Ависма“ ја продолжија својата долгогодишна соработка до 2022 година. „Боинг“ од „Ависма“ добива 40% од своите сировини за производство на хидраулични системи и опремата за слетување. Во Москва исто така се наоѓа центар за научни проекти на компанијата „Боинг“ во кој работат 1200 инженери. Тие во моментов работат пред сѐ на моделот „Боинг 777х“ кој ќе биде конкуренција на „Ербас А350“.

Кога ѝ одговара на американската економија, САД се подготвени да ја запрат студената војна со Русија, истакнува весникот. Меѓутоа, германските концерни се наоѓаат по двоен притисок: тие мораат да се борат со последиците од санкциите, од една страна, а од друга со процесот на преориентација на Кремљ кон Исток.  

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.