Путин: САД на груб начин се мешаат во спортот

Претседателот на Русија Владимир Путин ги критикуваше „американските партнери“ поради дрското мешање во спортот, беше објавено денеска на сајтот на претседателот, а пренесува „Взгљад“.

Претседателот на Русија Владимир Путин ги критикуваше „американските партнери“ поради дрското мешање во спортот и изјави дека тие се обидуваат да го спречат реизборот на претседател на ФИФА, беше објавено денеска на сајтот на претседателот, а пренесува „Взгљад“.

„Како што знаеме, следуваат избори за местото претседател на ФИФА и господинот Блатер ги има сите шанси да биде повторно избран. Ние знаеме дека нему му беше вршен притисок Светското првенство во фудбал 2018 година да не се одржи во Русија. Го знаеме и неговиот став кој апсолутно нема никаква врска со некаков посебен однос меѓу Русија и ФИФА. Тоа е општ принципиелен став: спортот и политиката мораат да бидат одвоени. Згора на тоа, тој смета дека спортот треба позитивно да влијае на политиката и да служи како платформа за дијалог, помирување и изнаоѓање решенија. Јас сметам дека тоа е апсолутно правилен став“, рече Владимир Путин.

Тој додаде дека е многу необично тоа што апсењето е спроведено на барање на американската страна која нема никаква врска со тоа.

„Можеме да претпоставиме дека некој од нив нешто погрешил, но сигурно е дека тоа не се однесува на САД. Тие функционери не се нивни граѓани. Тоа е уште еден јавен обид САД да ја прошират својата надлежност врз други држави и, сигурен сум, да не дозволат реизбор на господинот Блатер на местото претседател на ФИФА, што претставува грубо кршење  на принципите според кои функционираат меѓународните организации“, смета рускиот претседател.

Путин исто така упати критики до американските правосудни органи кои изјавија дека уапсените веќе направиле криминал, без претпоставка за нивна невиност. „За жал, нашите американски партнери користат вакви методи за постигнување на своите цели и го прават тоа незаконски, прогонувајќи луѓе. Не исклучувам дека во однос на ФИФА е токму ваква ситуацијата“; изјави Путин, споредувајќи ги последните случувања со хајката по поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден и сопственикот на „Викиликс“ Џулијан Асанж.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.