Медиуми: Москва се подготвува за активна одбрана на Приднестровје

Министерството за одбрана на Русија е загрижено поради можноста да дојде до рапидна дестабилизација на конфликтот во Приднестровската Молдавска Република и се подготвува за најнеповолни сценарија.

Министерството за одбрана на Русија е загрижено поради можноста да дојде до рапидна дестабилизација на конфликтот во Приднестровската Молдавска Република и се подготвува за најнеповолни сценарија. Со таа цел Оперативната група на руските сили (ОГРВ), која е стационирана во Приднестровје, овие денови одржа вежби по сценарио за заштита на важни воени објекти.  

Како што пренесе прес-службата на Западниот воен округ, под чија команда се наоѓа  ОГРВ, во петокот, 22 мај, преку 100 војници од оваа формација беа активирани со зна за тревога. По 150 километри марш до воените магацини во селото Колбасна тие стапиле во борба со симулирани терористи кои, според сценариото на вежбата, се обидувале да ги заземат магацините со оружје и муниција.  

Слични сценарија сега вежбаат и руските мировни сили кои се наоѓаат во зоната на конфликтот.   

Зголемената активност на руската војска во Приднестровската Молдавска Република Министерството за одбрана на Русија ја објасни не само со плановите за летна обука, туку и со реалната закана која се појавува во зоната на конфликтот.  

Меѓу другото, неименуван извор соопшти за „Независимаја газета“ дека располага со податоци за постоење на извесен план за вооружена ликвидација на Приднестровје. Планот, наводно, бил изготвен од американските тајни служби во соработка со воените ресори на Украина, Молдавија и Романија.  

Дел од овој план е и одлуката за поништување на договорот со Москва за транзит на руски војници и товар преку украинска територија до Приднестровје, што Врховната Рада ја усвои минатата недела..

Освен тоа, како што тврди соговорникот на весникот, веќе во најскоро време украински и романско-молдавски терористи планираат диверзии и терористички операции со цел во Приднестровската Молдавска Република да се заземат магацините со оружје кои во моментов се чувани од руски војници. Истовремено на левиот брег на Днестар ќе почнат масовни провокации со жртви и убиства на цивилното население со намера да се дискредитираат руските мировници.  

Овие околности ќе бидат повод за излегување на Кишинев од мировниот процес. Властите на Молдавија ќе бараат помош од Европската унија и НАТО. Дотогаш веќе ќе биде подготвен молдавско-романски мировен баталјон како замена за руските сини шлемови. Формирањето на оваа формација официјално на 23 мај  беше најавено од министерот за одбрана на Молдавија Виорел Чиботару во текот на својата посета на Романија. По средбата со романскиот колега Мирчеа Душа тој соопшти дека во составот на овој баталјон во иднина ќе бидат вклучени и војници од Украина и Полска. 

Генерал-мајор Јуриј Неткачев, кој во 1992 година командуваше со 14 армија стационирана во Приднестровје, исто така не ја исклучува можноста од вооружено сценарио за решавање на ситуацијата  во Днестар.

„Тоа многу влијае на геополитчките интереси на Москва и убеден сум дека руското раководство ќе стори сѐ што може за да ги одбрани своите позиции во регионот и да не дозволи да дојде до ескалација на конфликтот“, смета експертот.  Неткачев потсетува дека Кишинев, во периодот кога тој командувал со 14 армија, со поддршка од романски волонтери и платеници веќе се обидел со помош на оружје да го освои Приднестровје.

„Не успеа тогаш, нема да успее ни сега, и покрај тоа што Украина се обидува на нашите војници таму во целост да им го прекине дури и доводот  на воздух“, уверен е Неткачев.

Тој се согласува со мислењето на координаторот на Управата на главните инспектори на Министерството за одбрана на РФ генерал Јуриј Јакубов, кој изјави дека е можно снабдувањето на руските мировници да се врши по воздушен пат, со помош на авиони на воената транспортна авијација во услови на блокада од страна на Украина.  

„Се разбира, голем проблем е тоа што нашите авиони сепак мораат да летаат над украинска територија. Најверојатно тоа ќе биде во реонот на Одеса. Од брегот на Црното море до границата на Приднестровје има помалку од 100 километри. Соопштено е дека украинската војска овде поставила противавионски системи С-300. Но мислам дека украинските ПВО сили тешко ќе се решат да ги соборуваат нашите воени авиони кои летаат за Тираспол“, смета експертот.  

Додека ситуацијата околу Приднестровје со усложнува, Романија и САД почнуваат воени маневри во близина на границата со Одеската област на Украина. Токму со таа цел на 23 мај во Црното море доплови американскиот ракетен разурнувач „Рос“.  

Во соопштението за медиумите на 6 флота на САД се наведува дека присуството на овој брод во регионот има за цел „безбедност“ и зајакнување на „соработката во Црното море“ заради „мир и напредок во регионот’“. Бродот е опремен со системи за противракетна одбрана, а основното офанзивно оружје му се крстосувачките ракети „Томахавк“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.