Патријархот Кирил отвори свој профил на социјалната мрежа „Вконтакте”

На популарната руска социјална мрежа „Вконтакте” се појави официјалната страница на патријархот московски и на цела Русија Кирил.

На популарната руска социјална мрежа „Вконтакте” се појави официјалната страница на патријархот московски и на цела Русија Кирил. Страницата е отворена по повод Денот на словенската писменост, изјави претставникот на Синодалното одделение за информирање на Руската православна црква Владимир Легојда.

„Отворањето на страницата на една од најпопуларните социјални мрежи ја има истата цел која ја имаа и апостолите Кирил и Методиј: со помош на современите средства за комуникација да го донесат до луѓето божјото слово. Освен тоа, патријархот на денешен ден слави именден. Мислам дека Кирил и Методиј, да живееја во 21 век, ќе го одобреа овој почеток“, изјави Легојда.  

Тој додаде дека поглаварот на РПЦ повеќепати истакна дека за милиони луѓе социјалните мрежи се основниот извор на информации и средство за комуникација.

„Црквата не треба да заборави на овој дел од паствата“, рече претставникот на РПЦ.

Страницата ќе ја води Синодалното одделение за информирање на Руската православна црква, а одбрани прашања и коментари ќе му бидат доставувани на патријархот Кирил.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.